Фото: Маја Јаневска-Илиева

Струјата поскапа за 9,48 отсто, парното за 14,05 отсто

Цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари е зголемена за 9,48 отсто и е укината дневната евтина тарифа. Поскапено е и парното греење за скопјани за 14,05 отсто.
Евтината тарифа за струјата во текот на ноќта и во недела остануваат, а според образложението на Регулаторната комисија за енергетика, доколку не се укинеше дневната евтина тарифа од 14 до 16 часот, цената на струјата ќе требаше да се зголеми за 14,23 отсто.
РКЕ по носењето на одлуката за поскапување на струјата најави дека се планира воведување блок-тарифи со кои ќе се обезбеди потрошувачка на струја по пониска цена. Оттаму порачаа дека рестрикциите не се опција. Паралелно со одлуката на РКЕ, Владата усвои Програма за ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, со која се предвидува најранливите категории лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош, да добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија од 600 или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството. Со програмата треба да бидат опфатени околу 7.500 домаќинства во времетраење од 12 месеци. Финансиска поддршка ќе им се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето-приходот, и тоа, за самец до минимална плата, за домаќинство со два члена до 18.000 денари, за домаќинство со три члена до 21.000 денари, за домаќинство со четири члена до 25.000 денари и за домаќинство со пет или, пак, повеќе члена до 30.000 денари.
Основен критериум за формирање на цената на парното греење, како што објави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, е цената на природниот гас, која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ за производство му е понудена цена од 1.480 долари. При формирањето на цената за крајните потрошувачи, РКЕ вкалкулирала цена на гасот од 340 до 350 долари за нормален кубен метар, бидејќи цената што му е понудена на БЕГ е досега највисока откако се користи природниот гас во земјава.
– РКЕ не може да прифати ценовни шокови и значително зголемување на цената на топлинската енергија и не може товарот да го префрли само врз потрошувачите. Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас од 1.480 долари во крајната цена за топлинската енергија, ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција и решение, само ќе ги влоши состојбите и во секторот за топлинска енергија и во секторот за природен гас. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената и високиот трошок за набавка на гас – посочи Бислимоски и додаде дека проблемот со цената на природниот гас не е наш и го има во цела Европа.
Според Бислимоски, Владата веќе презема одредени чекори, кои, како што рече, ќе ги објави во наредниот период, со цел да најде начин како да се покрие трошокот за парно греење што не е покриен со одлуката на РКЕ за цената.


Недела, според законот, стана неработен ден

По Нова година стапија во сила измените на Законот за работни односи, кои ја дефинираат недела како неработен ден за 92 отсто од работниците. Владата ги предложи, како што соопшти, за да се воспостави рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место. За другите што ќе работат во недела, измените предвидуваат за најмалку 50 отсто поголема дневница и слободен ден за работниците, кои се дел од дејностите неопходни за функционирање на општеството, дејности во кои работниот процес не смее или не може да биде запрен, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за оние што ќе работат во несуштинските дејности на кои ќе им биде дозволено да работат. Работодавачите што ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа не смее да го намали бројот на вработените. К.М.