Само сакам да се држиме до тоа што сме го договориле, порача вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во ТВ дебатата со синдикалните претставници за скалестото зголемување на платите во јавниот сектор.

Битиќи изрази жалење што за само три недели, откако почна руско-украинскиот конфликт, не важи она околу кое сите страни се согласиле на 23 февруари и веќе се најавуваат штрајкови.

Според него, тоа е непочитување на основните принципи на дијалог.

Не може, потенцира вицепремиерот, со една алатка да се решаваат проблемите во целиот јавен сектор.

-За жал, забораваме дека на 23 февруари, кога дојдовме до договор, немаше војна, а пред три недели тоа се случи. Имаме војна, драстично зголемена енергетска криза и драстичен удар на економската страна заради зголемување на цените во прехранбениот сектор, запирање на вредносните ланци во скоро сите сектори и тоа бара прилагодување. За три недели, се што се договоривме одеднаш не доведе во ситуација да штрајкуваме и за нас тоа е навистина зачудувачки зашто само пред 1,5 месец се договоривме дека влегуваме во процесот. Донесовме и одлука дека дијалогот продолжува, но за жал, беше најавено дека на 30-ти ќе има протест, а се договоривме дека дијалогот ќе продолжи во секое министерство и никој не рече дека не сака да преговара-истакна Битиќи.

Како што објасни Битиќи, ако била заедничка констатацијата дека членот 8а дава шест месеци период на усогласување, тогаш минималната плата по новиот Закон се уште не е исплатена.

-Треба пред јавноста да кажеме дека никогаш досега во историјата на државата не се случило да усогласат за еден ден плати во цел јавен сектор дури и кога јавниот сектор бил за 50 отсто помал од овој што е во овој момент-потенцира Битиќи.

Во врска со минималната плата, тој рече дека сегашното решение можеби не е достинствено, но сепак е максимум што може да се направи.

Синдикалните претставници кои побараа унапредување на социјалниот дијалог, го повикаа да дојде во среда на протестот и да се обрати пред присутните. Трпението, напоменаа, им е при крај, а „со пет проценти покачување на платата не се живее“.