фото: Влада

Сметаме дека е подобар и одржлив моделот што го предложивме за намалување на цените на нафтените деривати отколку да одевме со еднократно намалување на акцизите, истакна вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

– Гарантираме дека овој модел независно дали имаме пораст на цена на берза или намалување ќе осигура намалување на цените и ќе ја постигне целта затоа што има два параметра кои се битни. Со опаѓање на цената на берза има дел од акцизата за кој велиме ќе го вадиме и се откажуваме од приход и дополнително се откажуваме од 8 процентни поени од ДДВ за сите нафтени деривати и за гасот. Многу е лесно да кажете дека во овој момент треба да ги намалиме акцизите за 50 или 60 или, пак, за 100 отсто, но кои се реперкусиите за тоа. Секогаш треба да се грижите за приходната страна и да знаете кој ќе биде негативниот ефект – рече Битиќи во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

За мерките, како што кажа, во понеделникот вечерта биле консултирани голем број на експерти од експертската јавност.

– Двете законски решенија за измена на акцизата и на ДДВ-то заедно со другите мерки кои денеска ги донесовме се веќе на пат кон Собранието и пратениците наскоро треба да ги гласат. Ги испративме до Собранието по скратена постапка. Скратената постапка може да заврши за три дена, може и за еден ден, а може и за два часа. Разум треба да покажеме сите и затоа ги повикавме пратениците да бидат на ниво на задачата – рече Битиќи и додаде дека не верува оти ќе има опструкции.

Приходите во Буџетот од акцизи лани биле 22 милијарди денари, а само од акцизите од енергенсите изнесувале 12 милијарди денари. Калкулациите од воведување на новите мерки од страната на Владата покажуваат дека ќе чинат околу 90 милиони евра.