Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски денеска уште еднаш повтори дека просечната цена на струјата за 98,8 проценти од домаќинствата ќе се зголеми за 7,4 проценти, а само оние 1,2 отсто кои трошат енормно, ќе плаќаат енормно.

– РКЕ воведе концепт на блок тарифи со цел да им се помогне на најранливи категории на потрошувачи, но да им се помогне и на домаќинствата што немаат друг избор и друг начин за греење освен електрична енергија и поради тоа блоковите ги проширивме само во висока тарифа до 1050 киловатчасови. Проверете во која било земја во регионот дали има толку високи блокови. Јас ви тврдам најодговорно и цврсто стојам позади тоа дека блоковите кои се определени во Македонија се највисоки во регионот – изјави Беслимоски, одоговрајќи на новинарско прашање на денешниот МЕФ Македонски енергетски форум 2022 што се одржува во Охрид.

Тој тврди дека кај 59,9 проценти од потрошувачите во зимскиот период зголемувањето ќе биде 6,6 проценти, кај 20-30 проценти ќе биде од 6,6 до 8,7, кај три проценти од 8,7 до 11,2 а кај тие што трошат многу ќе биде од 11,2 до 99-100 проценти.

– Во однос на читањето на броилата граѓаните да бидат сигурни дека на никој нема да му одговара да се одолговлекува читањето на броилото. Значи, првиот блок е 210 киловатчасови за пресметковен период од 30 дена. Доколку операторот на мрежата бил неодговорен и го прочитал броилото не за 30 туку за 300 денови за тој потрошувач првиот блок ќе биде 300 дена по 7 киловатчасови на дневно ниво ќе биде 2.100 киловатчасови. На граѓаните ќе им одговара дури и да не се чита толку редовно бидејќи блокот ќе се зголемува. Затоа ви кажувам, за 300 дена ако не се прочита броилото првиот блок не е 210 киловатчасови, туку е 2.100 киловатчасови. Значи, направен е концепт којшто постојано ќе прави притисок врз ЕВН да ги отчитуваат броилата. Колку се зголемува времето на отчитување толку секој блок се зголемува за тие денови – посочи Бислимоски.

РКЕ, според Бислимоски е назависно, и затоа очекува дека опозицијата нема постојано да врши притисок врз неа.

Тој очекува да нема криза ниту во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

– Во однос на нафтата ние сме стопроцентно увозна земја, 80-90 проценти ги увезуваме од Грција и според оние сознанија кои ги имаме, нема проблеми во Грција во однос на производството на сите нафтени деривати. За жал, на тие работи ние како држава не можеме да влијаеме. Сигурен сум дека ќе се направи се да нема енергетска криза во однос на снабдувањето со нафтените деривати – рече првиот човек на РКЕ.