Фото: Влада

Македонија не го плаќа со руски рубљи гасот што го добива од „Газпром“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата за надворешна политика „Светот и ние“ на БНТ, јавува МИА.

Бектеши наведе дека Македонија за гасот плаќа со евра, посочувајќи дека ниту едно плаќање од страна на властите во Скопје не е направено со руски рубљи, туку со евра, а во некои од случаите трговците плаќале со долари.

– Република Северна Македонија во целост ги поддржува решенијата на Европската Унија и на Европската комисија, бидејќи единствената цел е започнување на преговири со ЕУ за пристапување и поради тоа одлуките поврзани со руската воена инвазија во Украина, Северна Македонија ги прифаќа и исполнува-потенцираше Бектеши.

Министерот посочи дека нашата држава нема големи трговски размени со Русија и оти трговијата меѓу Скопје и Москва е 1.5 проценти, речиси колку што е и со Украина.

– Сепак војната во Украина влијае врз македонската економија, бидејќи земјата е обврзана со европските пазари. Ценовните шокови во сферата на прехранбената индустрија и енергетика се одразуваат врз македонската економија. Ќе продолжиме со дополнителни мерки за зачувување на животниот стандард на граѓаните на Северна Македонија-рече Бектеши.

Тој потсети дека Скопје покажал интерес за градењето на уште гасовод конектор меѓу Бугарија и Македонија (Петрич-Струмица).
Двете држави, како што рече Бектеши, можат заедно да конкурираат за заедничко финансирање од европските фондови.

-Северна Македонија сака да ги продлабочи своите енергетски врски и со Република Бугарија и со Република Грција со цел да обезбеди обезбеди диверзификација на изворите на енергија-посочи Бектеши.