Фото: Влада

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе Одлука со која престанува да важи Одлуката за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност производство на топлинска енергија од страна на регулиран производител. Оваа одлука практично значи дека Друштвото за производство на топлинска енергија Производство на топлина Балкан енерџи дооел Скопје повеќе нема лиценца за вршење на енергетска дејност производство на топлинска енергија од страна на регулиран производител.

Денешната одлука следува по претходно одржана подготвителна седница во врска со барањето на БЕГ за престанок на лиценцата за вршење на енергетската дејност регулирано производство на топлинска енергија.

-За денешната одлука согласно Законот за енергетика, ја известивме Владата која сега треба да спроведе постапка за избор на вршител на енергетска јавна дејност производство на топлинска енергија. Откако ќе биде извршен изборот, РКЕ ќе издаде соодветна лиценца. Се до завршувањето на процедурата БЕГ законски е обврзана да ја врши јавната дејност – производство на топлина, по што обврската ќе ја преземе компанијата што ќе биде избрана во постапката спроведена од Владата. Ова е една од трите лиценци што ги има БЕГ. Поднесени се барања за престанок и на лиценците за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, по што РКЕ ќе донесе соодветни одлуки – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Како клучни причини во барањето за престанок на важноста на лиценцата БЕГ ги наведува: кредитна неспособност, нарушена ликвидност, правна несигурност во работењето поради многубројни судски постапки иницирани против БЕГ, оспорување на законитоста на лиценцата за регулирано производство на топлинска енергија од правни лица и институции, како и оспорување на валидноста на договорот за закуп на основни средства.