фото: Маја Јаневска-Илиева

БЕГ има пари за набавка на гас до крајот на утрешниот ден, велат од компанијата за производство на топлинска енергија „Балкан енерџи“ – ДООЕЛ Скопје. Компанијата предлага Владата времено да го преземе управувањето со компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.

Деновиве скопјани се греат со млаки радијатори, бидејќи БЕГ работи со оптимизиран режим на греење.

– Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси да обезбедување финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифите за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топлина – се наведува во соопштението од компанијата.

Владата на денешната седница донесе одлука за обезбедување дополнителни количини на струја и топлинска енергија во услови на кризна состојба. Дополнителните количини на струја ќе се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ – АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 05:00 часот наутро до 01:00 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати.