Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од денеска до среда градоначалничката на Скопје и претседателка на ЗЕЛС Данела Арсовска очекува термин од Владата за разговори на кои ќе се бара решение за помош на општините чие функционирање е сериозно загрозено од поскапувањата предизвикани од енергетската криза.

Градоначалничката Арсовска смета дека најпогодени од кризата се малите општини.

– Најпогодени се дефинитивно малите општини, оние кои немаат можност да најдат дополнителни ресурси за да се справат со оваа енергетска криза. Верувам дека она што е неопходно е да се разговара за тоа кои ќе бидат начините да се асистира, односно да се надминат овие проблеми затоа што, на крајот на денот, ова се проблеми на граѓаните, не на општините. Доколку општините се нефункционални тогаш и граѓаните нема да можат да ги добијат сите оние услуги кои што би требало општините да им ги испорачаат. Она што како ЗЕЛС беше испратено до Владата, беа испорачани извесен сет мерки за кои беше ветено дека во неколку дена ќе биде одговорено, еве веќе три месеци не е одговорено. Побаравме и состанок да се одржи за на маса да се образложат од страна на Управниот одбор кој брои 22 члена од редот на градоначалниците низ Македонија. Последната информација која ја имаме, беше побарана отприлика пред десетина дена, дека во термин меѓу денеска и 23-ти, тоа е среда, Владата ќе испорача термин кога може да се седне да се разговара за овој проблем – рече градоначалничката Арсовска, која денеска најави голема пролетна акција за чистење на Кисела Вода.

Голем број градоначалници се изјаснија дека со поскапувањата го довеле во прашање основното функционирање на општините. Владата, на почетокот на минатиот месец веќе се изјасни за поскапената струја со тоа што порача дека секоја институција мора да понесе дел од одговорноста.