Фото: Игор Бансколиев

Експертите укажуваат дека не е првпат во оваа двегодишна криза да се бараат заменски производи поради недостиг и поскапувања. Медиумите потсетуваат на периодот кога поради блокадата на украинскиот извоз на жито, стана јасно дека на Европа ѝ се заканува недостиг од сончогледово масло. Во таква ситуација, на потрошувачите јавно им беше предложено да се префрлат на замени – масло од соја, палмино или од семе од репка… Нормално, во таквиот своевиден систем на сврзани садови, сите видови масла станаа уште повеќе побарувани и поскапеа, токму поради недостигот од сончогледово масло

Нови нарушувања на светскиот пазар на храна

Конфликтот во Украина се заканува да предизвика многу посериозни последици, и тоа не само во регионите зафатени со воени дејства туку буквално на целата планета. Тука експертите го вперуваат прстот во прекинувањето на синџирите за снабдување со основните прехранбени производи. Досега во повеќе наврати е пишувано и анализирано за значењето на Украина во светски рамки како еден од најголемите производители и извозници на пченка, пченица, сончогледово масло… Но овој пат светските експерти за храна укажуваат на еден нов аспект на проблемот со снабдување со храна.
Имено, поради недостиг од дел од основните земјоделски култури, вообичаено трговците се свртуваат кон алтернативи. Според таквата логика, во изминатиов период се зголемува побарувачката на ориз на светскиот пазар.

Цената на оризот се вивна до максимум

Како што алармираат специјализираните медиуми што ја следат состојбата со земјоделството и храната, цените на храната на светско ниво постојано се во пораст, а кога станува збор за оризот, неговата цена го следи тој тренд петти месец по ред. Тоа го потврдува и индексот за цената на храната на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Според овој показател, цената на оризот го достигна својот максимум во последниве 12 месеци.
Но проблемите ретко кога одат сами, туку најчесто еден проблем создава друг, уште поголем. Па, така, како резултат на порастот на цената на пченицата, се зголеми употребата на оризот, што доведе до поголема побарувачка, намалени резерви и на крајот повисоки цени, објави Си-ен-ен.
Сепак, експертите укажуваат дека не е првпат во оваа двегодишна криза да се бараат заменски производи поради недостиг и поскапувања. Медиумите потсетуваат на периодот кога поради блокадата на украинскиот извоз на жито стана јасно дека на Европа ѝ се заканува недостиг од сончогледово масло. Во таква ситуација, на потрошувачите јавно им беше предложено да се префрлат на замени – масло од соја, палмино или од семе од репка… Нормално, во таквиот своевиден систем на сврзани садови, сите видови масло станаа уште повеќе побарувани и поскапени, токму поради недостигот од сончогледово масло.
Како и во другите сегменти на пазарот, цената на оризот порасна од повеќе причини. Последен е конфликтот во Украина, а пред тоа поскапување на вештачките ѓубрива, транспортот и енергетските производи, како и ограничувањата на извозот, кои државите сѐ почесто ги применуваат. Ситуацијата на пазарот дополнително се влошува со најавата дека Индија може да воведе забрана за извоз на ориз во наредните недели – вели Дејвид Лаборд од Меѓународниот институт за истражување на политиката за храна.
Во прилог на неговата изјава може да послужи неодамнешната слична одлука за блокирање на пласманот на жито, што предизвика големи нарушувања и прекуноќ ги зголеми цените на светските берзи. Оваа одлука беше донесена за да се обезбеди сигурност на снабдувањето на индискиот пазар. Само неколку дена подоцна беше воведено ограничувањето и за шеќер.
– Во моментов сум загрижен за Индија, која во наредните недели ќе воведе забрана за извоз на ориз, како што беше случајот со пченицата и шеќерот – изјави Дејвид Лаборд, виш истражувач во Меѓународниот институт за истражување на политиката за храна.

Експертите повикуваат на внимателност, иако засега цените на оризот се под контрола

Иако аналитичарите проценуваат дека производството на ориз е сè уште високо, тие повикуваат на внимателност. Повод за таквото размислување е фактот дека оризот станува замена за пченицата, поради што се појавува нерамнотежа на пазарот, што, пак, од друга страна, ги диктира цените. Сепак, ризикот од пораст на цените на оризот засега се смета за низок, поради обилните резерви и очекуваната добра жетва во Индија.
Како што посочуваат медиумите, најголем светски производител на ориз е Кина, со удел од 28 отсто, а по неа е Индија со 23,5 отсто. Овие две земји покриваат половина од светското производство. Третото место го заземаат Индонезија и Бангладеш, со учество од по 7,2 отсто.
Лаборд вели дека зголемувањето на цената би било подобро од каква било забрана за извоз. Тој наведе дека треба да се направи разлика меѓу поскапувањата што ги компензираат повисоките трошоци и ќе им бидат од корист на земјоделците, од забраната за извоз што ги зголемува цените на светските берзи, но ги намалува на домашните пазари.

– Голем дел од трошоците за производство на ориз се состои од трошоците за енергија, кои растат на светско ниво – изјави Нафес Мих, регионален претставник за Јужна Азија во Меѓународниот институт за истражување на оризот.
Мих прашува зошто земјоделците не би имале полза од овој тренд. Индексот на цените на храната покажа дека тие сега се 75 отсто над нивото пред пандемијата. Недостигот од работна сила, поврзан со пандемијата и конфликтот во Украина, ја влоши ситуацијата.
Меѓународните цени на пченицата, кои во просек се само 11 отсто под рекордното високо ниво забележано во март 2008 година, се зголемија во мај поради забраната за извоз што ја објави Индија и загриженоста за состојбата на насадите во неколку водечки земји извозници, како и намаленото производство во Украина поради војната.
Глобалните цени на оризот исто така пораснаа на пазарот, додека цените на другите житарки се намалија во просек за 2,1 отсто, при што пченката дополнително падна поради малку подобрата состојба на родот во САД, сезонските испораки во Аргентина и претстојниот почеток на главната жетва на пченка во Бразил.
Цените на растителните масла на светските берзи минатиот месец потонаа за 3,5 отсто во однос на април, но и понатаму се значително над нивото од минатата година. Како што е наведено во извештајот на ФАО, цените на маслата од палма, сончоглед, соја и од канола паднаа, делумно поради укинувањето на краткорочната забрана за извоз на палмино масло од Индонезија и намалената глобална увозна побарувачка за масло од соја и канола. Н.М.