Фото: УЈП

Ажурирањето во апликацијата МојДДВ, со која граѓаните скенираат фискални сметки за поврат на данок на додадена вредност, е завршено за корисниците на „Хуваеи“ и на „Ајфон“ и тие може да ја преземат новата верзија, рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска за телевизија Канал 5. Од „Плеј стор“, вели таа, сè уште немаат повратна информација кога новата верзија ќе биде ставена во оптек.

– По три години неопходни се промени во апликацијата МојДДВ бидејќи имаме огромен број корисници. Апликацијата има нови правила, политика на приватност, како и огромен број корисници поради што се одолговлекува процесот за проверки. Овие правила не зависат од нас како институција, туку од тимот што го уредува системот. Очекуваме во најскоро време тоа да биде надминато. Во меѓувреме како алтернатива корисниците може да ги користат баркод читачите, скенерите во сите подрачни единици на УЈП – рече Лукаревска.

Според директорката на УЈП, оваа апликација помага во делот на сузбивање на сивата економија со тоа што граѓаните бараат повеќе фискални сметки на местата каде што пазарат, но истакна дека треба да се вложат повеќе други делови од општеството и сите инспекциски служби за да се избориме со сивата економија.

Од 2023 година, како што најави Лукаревска, ќе се зголеми износот на лимитот од повратот од ДДВ.

– Баш одиме во чекор со соодветни економски текови. Мерката само ќе се унапредува – потенцира Лукаревска.