Фото: Игор Бансколиев

Со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните, Владата донесе низа мерки што завршуваат денеска, односно на крајот на мај. Но што може да се очекува сега по истекот на важноста на мерките? Ќе има ли нови ценовни потреси, кои производи и услуги се најпогодени, како ќе влијае тоа на инфлацијата итн. се само некои од прашањата на кои побаравме одговори од економските аналитичари

ДЕНЕСКА ИСТЕКУВА РОКОТ НА АНТИКРИЗНИТЕ МЕРКИ ВО ЕКОНОМИЈАТА

Некои од антикризните мерки завршуваат денеска, по што се очекува дополнително поскапување на основните прехранбени производи. Собранието на Македонија ги изгласа антикризните мерки, предложени од Владата, со кои се намалува ДДВ-то за основните прехранбени производи од 5 на нула проценти и се намалуваат акцизите за гориво. Владата, исто така, ја ограничи маржата за трговците на 5, односно на 10 проценти за одредени производи.
Ослободувањето од ДДВ ги вклучува лебот, брашното од типот 400, шеќерот, путерот, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата, тестенините. Се воведе мерката бесцарински увоз на суровини за сувомесната индустрија. Со укинувањето на сите овие мерки за граѓаните станува закана таканаречената галопирачка инфлација, а сето тоа почнува да им создава психоза, бидејќи цените на прехранбените производи растат од ден на ден. Според статистичките податоци, во април, цените на мало пораснале за повеќе од 11 отсто, а инфлацијата достигнала 10,5 отсто.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, вели дека мерките на Владата за ограничување на растот на цените на одредени артикли не може да траат до недоглед.
– Таквите мерки се практикуваат во многу држави и тие можат да дадат позитивни ефекти само на краток рок. На долг рок ваквите мерки се неодржливи, бидејќи ќе доведат до големи дисторзии на пазарот и негативните последици ќе бидат поголеми од позитивните – истакнува Димитров.
Тој посочува дека сето ова е резултат на тоа што Македонија во текот на 2020 година, поради корона-кризата загуби 760 милиони евра од својот БДП и оствари негативен раст од 6,1 отсто.

– Во текот на 2021 година имавме раст од 4,1 отсто и тој не беше доволен да се покријат загубите во 2020 година. Од друга страна во 2021 година, и покрај намалениот БДП во однос на 2019 година, имавме зголемување на реалната лична потрошувачка за 2,3 отсто. Сите овие податоци покажуваат дека желбата да се задржи стандардот на населението и покрај намалениот бруто-домашен производ неминовно води кон инфлација. Поради ова ние ќе имаме инфлација поголема од оние земји каде што причината за зголемените цени е само поради војната во Украина и растот на цените на енергентите и храната – истакнува Димитров.
Сепак, тој не очекува некоја огромна инфлација, каква што сме имале во минатото, но додава дека мораме нашите трошења да ги усогласиме со нашето производство и услугите што ги произведуваме.
– Народната банка веќе презема некои чекори што ќе дадат одредени резултати, а ако е потребно на располагање ѝ стојат и други мерки за спречување на инфлацијата.
Борбата со инфлацијата не се решава со зголемување на платите и субвенциите, туку напротив со сведување на потрошувачката во рамките на растот на економијата. Се разбира дека е потребно субвенционирање на најранливите категории граѓани со многу ниски приходи, но тоа не треба да биде неселективно и да опфаќа неоправдано голем број граѓани.
Така направивме со субвенционирање на струјата на сите граѓани, без разлика на нивната економска моќ. За тоа потрошивме огромни средства од буџетот и го зголемивме буџетскиот дефицит, што неопходно водеше кон нови задолжувања во странство – објаснува претседателот.
Според него, во иднина многу повеќе треба да разговараме за тоа како да ја подобриме економијата и да го зголемиме буџетот, наместо само да зборуваме за тоа кој колку ќе земе од истиот тој.
– За жал, сите мерки за спречување на инфлацијата негативно влијаат на економскиот раст. Затоа умешноста на креаторите на економската политика ќе биде да се намалува инфлацијата, но притоа да се задржат некои очекувани стапки на раст – дополнува Димитров.
И универзитетскиот професор Зоран Ивановски за „Нова Македонија“ истакна дека мерките што ги презема Владата се од административен карактер и тие не можат да бидат долгорочни.

– Мерките на долг рок може да донесат дополнителни негативни ефекти како недостиг од производи за широка потрошувачка. Проблем е кога импутите растат, а производителите не можат да одговорат на детерминираните цени и се случува нивно повлекување на пазарот. И затоа не може да се продолжи со овие мерки, па поради тоа Владата мора да бара да ја напушти оваа политика и да понуди друг сет на мерки. На пример да се интервенира со интервентен увоз или со стоковни резерви, државата да го понесе товарот на ценовните разлики со појава на производи што се по бенефицирани цени, со субвенционирани цени да се ублажи притисокот. Или, пак, втор начин би било да се оди со пакет на мерки со социјални пакети, односно помош за најранливите категории за полесно да го совладаат товарот на оваа криза – појаснува Ивановски.
Во однос на порастот на цените, професорот вели дека тешко ќе може со сигурност да се предвиди колку ќе порасне инфлацијата, бидејќи, според официјалните статистики, инфлацијата е над 10 отсто, но неофицијално таа достигнува и над 20 отсто.
– Во однос на мерките за зауздување на инфлацијата, централната банка треба да ја задржи политиката за девизниот курс, а со тоа и наедно ќе ја одржува инфлацијата, но очекувам и дополнително зголемување на каматната стапка што ќе се преслика врз каматите на кредитите во делот на фискалната политика, а со тоа се предвидува и пораст на цената на парите, со што индиректно ќе се влијае на намалување на инфлациската стапка, а тоа ќе влијае и на намалување на општото ниво на цени во државата – потенцира Ивановски.