380 компании симнале апликација за брзо закрепнување од кризата

55

За да не изразуваме жалење одново и одново поради тоа што малку компании раководени од жени аплицираат за државна поддршка, воведовме поткритериум со кој ќе им дадеме предност и шанса плус на овие компании, вака директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, го најави последниот повик за државна помош за компании за брзо закрепнување од последиците од ковид-19. Од Фондот велат дека иако се уште немаат податоци колку компании раководени од жени аплицирале, има интерес за оваа поддршка за која аплицирањето почна во петокот. Освен за компаниите раководени од жени, предност е дадена и на компании од помалку развиените региони.

– На јавниот повик Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од ковид-19 од објавувањето на 29 мај до 3 јуни симнати се 380 апликациски пакети, што покажува дека има голем интерес кај компаниите. Ова е прв повик во кој директно се поттикнува рамномерен регионален развој и женско претприемништво – велат од Фондот за иновации.

Компаниите раководени од жени и компаниите од помалку развиените региони ќе имаат предност во бодувањето. За нивото на технолошки развој и степенот на дигитализација предвидени се 35 од сто поени, за квалитетот на изготвениот предлог 10 од 100, за капацитетот на проектниот тим 10 од сто и за влијанието на проектот можни се 45 од сто поени. Поткритериумите за предност на женско претприемништво и за рамномерен регионален развој се сместени во критериумот влијание, кој носи најмногу поени.

– Во однос на застапеноста на жени сопственици и управители во самите компании, бодувањето е многу едноставно. Сите апликанти кои во сопственичката структура или во управувачката структура имаат жена ќе имаат 5 поена, сите останати ќе имаат нула. Тоа значи дека во рамки на овој поткритериум во делот на влијание, охрабруваме, и ја користам оваа прилика повторно да ги охрабрам жените претприемачи да аплицираат – објасни директорот Деспотовски кога го претстави овој инструмент за брзо закрепнување од последиците од ковид-19.

Во рамки на критериумот за влијание е сместен и поткритериумот со кој се дава предност на компании од помалку развиените региони.

– Компанија која доаѓа од северозападниот плански регион ќе има максимален број по тој поткритериум, додека компанија која доаѓа од главниот град ќе има минимален број. Тоа значи дека сите компании од помалку развиените региони имаат шанса плус, предност при аплицирањето и ги охрабрувам да аплицираат – рече директорот Деспотовски.

Во рамки на критериумот влијание има поткритериуми кои се однесуваат на потенцијалот за генерирање на приходи и добивка на самиот бизнис план. Има критериум колку самиот проект предвидува спроведување на заштитни мерки за вработените и потрошувачите, и, она што од Фондот сметаат дека е многу важно, има соодветен поткритериум кој оценува како самиот апликант ќе се однесува во однос на работните места кои во моментот ги има компанијата. Овозможено е соодветно оценување, односно наградување на сите оние кои ќе предвидат, не само задржување, туку и зголемување на бројот на работни места во компанијата.
Новина со овој повик е и тоа што нема поклон пари од државата, како што вели директорот Деспотовски, туку компаниите кои добиле грант, кога ќе почнат да остваруваат добивка, ќе враќаат пари на државата. Оние кои нема да остварат добивка нема да имаат таква обврска.

Буџетот на Фондот за овој повик е 3,3 милиони евра, пари со кои може да се обезбеди поддршка за околу 150 микро, мали и средни компании. Компаниите може да аплицираат со проекти за дигитализација во компаниите, воведување на протоколи за заштита на вработените, подобрување на организационата структура и реорганизација на работните процеси, воведување на нови производи и услуги или значително подобрување на постојните, особено на оној сегмент за кој што постои зголемена побарувачка и во време на криза и за кој се очекува дека ќе постои побарувачка и во време на пост кризниот период, обука за среднорочно планирање на бизнисот и обука за вработените како и сите мерки кои компаниите сметаат дека ќе им помогнат не само во подобро прилагодување туку и во развој.

Во овој повик, за разлика од претходните од Фондот, дозволено е платите за луѓето кои ќе го реализираат проектот да бидат прикажани како трошоци кои може да се покријат од грантот.

Повикот ќе биде отворен со 26 јуни.