Македонија е конкурентна бизнис земја која нуди поволни услови за странските инвеститори и чијашто инвестиција е заштитена со важечките закони кои со последните измени нудат еднакви услови за сите инвеститори и за странските и за домашните, порача вчера претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери на работната вечера во Истанбул која ја приреди претседател на Деловниот совет Турција – Македонија на Бордот за надворешно-економски односи на Република Турција (ДЕİК) Билал Кара.

На вечерата беа поканети претставници на компании кои веќе се присутни со свои успешни претставништва во Република Македонија и компании кои се заинтересирани да го прошират своето делување во Македонија и регионот, водени од позитивните искуства на другите.

– Покрај законската регулатива, еден од најзначајните фактори за атрактивноста на земјата е стабилизацијата по подолга политичка криза, а добивањето на позитивен, безусловен Извештај за напредокот, зголемената, динамика и активност во насока на добрососедските односи, се, исто така, во прилог на таа привлечност за инвестирање, потенцира Џафери.

Спикерот на македонскиот парламент истакна дека Собранието и Владата ќе направат сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка.

Според Билал Кара Деловниот совет Турција – Македонија на Бордот за надворешно-економски односи на Република Турција има цел да го информира приватниот сектор во Турција за можностите за инвестирање во Македонија и за новите економски политики кон странските инвестиции и токму затоа оваа средба е значајна затоа што економската соработка меѓу двете земји треба да го следи примерот на одличните политички односи.

Турција е на шестото место од топ 20-те земји со вкупниот прилив во Македонија. Трговската размена изнесува 462 милиони долари, меѓутоа Кара истакна дека предизвик им е достигнувањето на трговска размена до една милијарда американски долари годишно.

Во рамките на официјалната посета на Република Турција беше остварена и средба со претставници на иселениците од Република Македонија во Истанбул. На средбата во организација на Здружението на иселениците од Гостивар беа поканети и претставници од Фондацијата на Румелијците во Истанбул, Федерацијата на иселеници од Румелија, Друштвото на иселеници од целиот Балкан, Друштвото на иселеници од Румелија – Рами, Друштвото на иселеници од Азискиот дел, Друштвото на гостиварци од Кадиќој, Друштвото на иселеници од Ќагитхане и претставници од локалната власт во истанбулската општина Ејуп.