Фото: Маја Јаневска-Илиева

По неодамнешните уставни измени поврзани со промената на името и очекувањата за членство во НАТО и во Европската Унија, како држава сме исправени и пред предизвикот како да постигнеме зголемен пораст на домашната економија, што всушност е и најважен и клучен предуслов за нашето интегрирање во НАТО и во ЕУ.

Таа задача за постигнување високи стапки на економски пораст, сепак, мора сами да ја одработиме. Во таа насока ги запрашавме и бизнис-коморите какви се нивните очекувања на тој пат.

– Најпрвин би истакнале дека безбедна и стабилна држава е основа за економски пораст, како и за непречен тек на услуги и знаење. Пристапувањето во НАТО треба да придонесе за зголемена сигурност на територијалниот интегритет на Македонија, што сметаме дека ќе ја подобри климата за инвестиции во Македонија. Пристапувањето во ЕУ, поради потенцијалот што го нудат пазарот и инфраструктурата на ЕУ, е цел што во македонската економија преовладува повеќе од две децении. Низ таа призма, а земајќи ги предвид и очекувањата за привилегиите на пристапот до пазарот на ЕУ, кои се евидентни за сите бизнис-сектори, приближувањето и пристапувањето во ЕУ се нешто што го посакуваме – велат претставниците на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

Оттаму додаваат дека очекувањата од приближувањето, особено од пристапувањето во ЕУ, се дека тоа позитивно ќе се одрази и ќе се олеснат процедурите за воспоставување бизнис-партнерства, како и за настап на пазарот на ЕУ.

– Во оваа насока, од особен интерес е пристапот до ЕУ-фондови за поддршка и развој на компаниите, чие користење очекуваме да се интензивира – додаваат од МАСИТ.
Претставниците на Стопанска комора на северозападна Македонија потсетуваат дека токму 2018 година главен приоритет на Владата на Република Македонија беше процесот на интегрирање во НАТО и во ЕУ.

– Сметаме дека со затворање на поглавјето на уставните измени што беа предуслов за членство во НАТО крајно време е да се заложиме за создавање поповолен и функционален амбиент за постигнување на проектираните економски цели. Деловната заедница го поддржа и ќе продолжи да го поддржува овој тежок процес. Бидејќи поголемиот дел од патот е надминат, време е фокусот и посветеноста на Владата да се насочат кон бизнисот и заеднички да придонесеме за да ги подигнеме економијата на земјата и благосостојбата на граѓаните – истакнуваат од СКСЗМ.

Оттаму посочуваат дека е потребно да се фокусираме на суштински промени во економијата преку среднорочна стратегија за економски пораст и развој, без разлика на политичките партии што ќе дојдат на власт.

– Друг аспект што сметаме дека ќе има позитивно влијание врз економскиот и социјалниот развој на земјата се комуникацијата меѓу бизнис-заедницата и државните институции и ефикасноста на јавната администрација за барањата и потребите на бизнисите – додаваат од комората.

За претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании и создавањето квалификуван кадар се главните предизвици и приоритети на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија.

– Бизнисот е една од најчувствителните категории. За него две работи се клучни како темелни претпоставки. Тоа се безбедноста на државата и на регионот и предвидливоста, за да може бизнисменот да ја предвиди ситуацијата врз основа на проекциите што ќе ги направи државата и другите информации што ќе ги има – истакна во една пригода Азески.

Како што вели тој, овој регион е многу проблематичен и не можеме да претпоставиме дека со затворањето на прашањето за членство во НАТО во целиот регион таа несигурност ќе исчезне, затоа што тоа е подрачје што постојано било тензично од многу причини.

– Со зачекорувањето кон Европската Унија ќе ја добиеме предвидливоста, која е многу значајна за влечење на потезите. Меѓутоа, мора да се истакне дека ниту НАТО ниту ЕУ по завршувањето на формалностите за приемот нема да ја подобрат економската состојба. Ќе ја подобриме самите ние ако ги засукаме ракавите, ако ги надминеме слабостите, а тие се точно наведени во извештајот на Прибе и тоа треба да го ставиме како приоритет – објаснува Азески.

Во таа насока економските експерти и бизнис-заедницата се согласни дека во периодот што е пред нас целата енергија треба да се насочи кон креирање политики, кои ќе обезбедат високи стапки на пораст на бруто-домашниот производ, по можност двоцифрени стапки на пораст од 12 па и повеќе проценти. Доколку не се избориме за тоа, наместо да се приближуваме, ние како држава само ќе се оддалечуваме од НАТО и од ЕУ, бидејќи нема да бидеме во состојба да ги сервисираме ниту домашните обврски и ќе претставуваме проблем за ЕУ и за НАТО.

Со други зборови, влезот во ЕУ и во НАТО се обезбедува само преку здрава, силна и конкурентна домашна економија со високи стапки на економски пораст, тврдат експертите.

Фото: Маја Јаневска-Илиева