Јавното претпријатие за државни патишта наредната недела ќе распише тендер за санација на свлечиштето меѓу селата Наколец и Штрбово, информира при денешната посета на Преспа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Со тоа, нагласи ресорниот министер, ќе почне решавање на проблемот со кој се соочуваат жителите кои гравитираат во овој дел.

Тој информира дека е завршен тендерот и дека деновиве ќе се прави евалуација на понудите за отпочнување на проектот за изградба на обиколница во Ресен

– Владата е силно посветена во изградбата на патната и железничката инфраструктура, како и изградба на водоводна и канализациска мрежа. Наредните два три месеци очекувам градежна офанзива во изградба и санација на локални патишта во општина Ресен, нагласи Сугарески.

Министерството заедно со општината, додаде, работи на реализација на повеќе проекти, меѓу кои ја спомена реконструкцијата на водоводната мрежа во Ресен, која е во тек.

– Во тек е втоарата фаза од реконструкцијата на водоводната мрежа во Ресен, каде поради туристичката сезона се работеше со забавено темпо, но очекувам до крајот на наредниот месец проектот комплетно да заврши. Моите очекувања се дека околу 70 отсто од граѓаните нема да се соочуваат со дефектите што ги имаа претходниот период, рече министерот за транспорт и врски.