­Триесет и шест проценти од македонските граѓани со пристап до интернет вршат онлајн-нарачки. Во земјава има потенцијал за раст на е-трговијата, има услови, законодавството дава можност, оформен е и Електронскиот регистар на населението, а се најавуваат промени и во делот на мали пратки и нивно следење со скенер. Ова го истакнаа учесниците на конференција за е-трговија „Бизнис-раст со е-трговија“ во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

– Интересот за е-трговија сѐ повеќе расте и се зголемува, како што покажуваат и потрошени 84 милиони евра во првата половина од оваа година, при што е забележан раст од 26 отсто во однос на тој период лани – рече Виктор Стојковски генерален секретар на Асоцијацијата и додаде дека радува фактот што се зголемува и процентот на нарачки кон домашни онлајн-продавници во однос на нарачките од странство.
Министерката за финансии Нина Ангеловска посочи дека во 2011 година обртот во е-трговијата изнесувал 930 илјади евра, а во 2017 година достигнал 134 милиони евра и дека има огромен потенцијал за уште поголем раст.

– Сметам дека имаме огромен потенцијал за уште поголем и позабрзан раст, но за да го вклучиме тој потенцијал клучно е да имаме квалитетно партнерство и холистички пристап помеѓу Владата, невладините организации, реалниот сектор, академијата, едукациските центри. Дигиталната економијата е предизвик за сите земји и носи огромни можности за раст – рече Ангеловска.

Ангеловска истакна дека недостигаат софистицирани платежни солуции и најави дека со новиот закон за платежни услуги ќе се направи либерализација за влез на нови компании со што ќе се зголеми конкурентноста и за домашните банки, како и дека ќе се работи на нелојалната конкуренција во е-трговијата.

– Предизвик за домашните компании е нелојалната конкуренција во е-трговијата. Се работи на акциски план за да се адресира и да се намали даночната евазија, а со тоа да се помогне тие средства да одат кај регистрирани е-трговци бидејќи е тешко менаџирањето продавница за е-трговија и ние како влада треба да им го олесниме патот на малите и на средните компании за да можат да растат и да ги пласираат производите и надвор – истакна Ангеловска.

Таа посочи и дека се работи и на проблемот што го создаваат малите пратки, чиј обем сѐ повеќе се зголемува и оти се потребни поголеми ресурси на Царинската управа за да се справи со тоа. Во оваа насока, како што додаде министерката, со проектот што го работи царината, заедно со корејската царина, наскоро ќе се стави скенер во поштата за да може и автоматски да се гледаат кои се пратките што пристигнуваат и да се тргне мануелната работа при царинење, а од друга страна да оди побрзо целиот процес.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски оцени дека граѓаните уште полесно ќе се вклучат во електронската трговија со пуштањето на Електронскиот регистар на населението и активирање на нивниот електронски идентитет.

– Клучно е да се инвестира во овој сегмент бидејќи бројките покажуваат дека ова е иднината на економскиот развој на нашата земја – порача Манчевски.
Од следниот месец, како што најави, ќе се пушти во функција новиот национален портал за електронски услуги што дополнително ќе ја зголеми побарувачката, а од следната година ќе се реализира и огромен проект од 30 милиони евра со поддршка на Светска банка за изградба на оптичка инфраструктура во сите делови на државата каде што нема доволно широкопојасен интернет.