Ќе се дојде до ситуација да нема рударство во земјава

ЗА И ПРОТИВ ИЗМЕНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ

Ние како асоцијација не сме согласни да се носи закон по скратена постапка, бидејќи нема потреба од такви решенија. Многу сме изненадени од измените во законот што се однесуваат на еднострано одземање на концесијата за експлоатација. Во нашата држава има еден негативен став кон рударството и сметаме дека е можеби потребно да се променат некои работи, а некои работи треба да се дорегулираат, но не на ваков начин. Сега се комплицира и се оди во обратна насока.

Овој закон не треба да се прифати во Собрание и треба да се врати повторно на разгледување и на јавна расправа, каде што ќе можат сите засегнати да дадат свое мислење и да се доусоврши. Во овој закон треба да се вклучи и науката. Ако претрпи уште некоја измена, ќе се дојде до ситуација да нема заинтересирани инвеститори и да нема рударство во земјава.

Нашата забелешка е на одредбата со која се предвидува дека може да се раскине еднострано договор за концесија врз основа на забелешки на населението за загадување. Нашите забелешки се во насока на дообјаснување што значи загадувањето, што се загадува, воздух, почва, вода…
Еве, како пример ќе ви го наведам Бучим, каде што загадувањето на воздухот со ПМ10 честички е многу помало отколку во Скопје и каде што ние во мерењата достигнавме до 30 микрограми на кубен метар.

Ние не сме против одредби за заштита на животната средина, но треба точно да се наведат параметрите што е знак за загадување, што е загадување.
Овде сите рудници се во еден кош, ние разликуваме поголеми рудници и каменоломи, за кои има разлики во процедурите. Големите рудници имаат А-интегрирана дозвола, која одредува многу параметри за загадувањето, а нејзиното непочитување значи одземање на дозволата.
Значи, има механизми и сега за борба против оние што ја загадуваат животната средина, додека, според новите одредби, само врз основа на мислење може да се одземе концесија, па може да се случи некој зошто не бил примен на работа во рудникот да се побуни и да каже дека рудникот загадува. Затоа бараме точни параметри за работа.

Мислам дека има груби превиди во законот и тој лошо ќе се одрази врз рудниците, ќе ја влоши состојбата и ќе ги изгубиме инвеститорите.
Со измените е предвидено ако концесионерот ја нарушил животната средина по мислење на населението, државата може да го раскине договорот и да му даде нова локација за отворање рудник. Но тоа не оди така, еден рудник се отвора зашто има руда на местото и не може тој да го селиме како ќе ни текне.