Изградба на 415 мегаватна ветерна електроцентрала на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка, инвестиција од околу 500 милиони евра, најавија премиерот Зоран Заев и германската амбасадорка Анке Холштајн. Премиерот посочи дека станува збор за најголемата директна гринфилд-инвестиција во македонската економија од независноста до денес.
– Ќе се гради ветерен парк т.н. „Вирови“, најголем капацитет од обновливи извори на енергија во земјава, колку што имаат двата болка на РЕК-Битола. Поставени ќе бидат 69 нови ветерни турбини, што е за четири пати повеќе од досегашните 16 на границата со Грција, кои ќе создаваат над 400 мегавати струја. „Вирови“ нема да користи повластени тарифи од државата, а ќе снабдува 290.000 домаќинства со електрична енергија. Инвестицијата ќе се одвива во неколку фази. Ова не е само најголемата германска инвестиција во земјата, ова е најголемата директна гринфилд-инвестиција во македонската економија од независноста до денес. Таа е доказ дека зеленото сценарио е возможно. Овој проект е повеќе од половина од предвидените 700 мегавати со стратегијата – истакна Заев.
Според него, големите инвеститори ги препознаваат економските можности, безбедноста и стабилноста на земјата и доаѓаат оти добро се сработени реформите.
– Ја донесовме потребната легислатива, создадовме услови за инвестирање во безбедна и сигурна земја, фер услови за сите. Работиме во согласност со европските правила, со сериозни и докажани инвеститори – нагласи премиерот.
Германската компанија ВПД (WPD), која ќе ја гради ветерната електроцентрала, работи во 28 земји и располага со над 5.000 мегавати инсталиран капацитет во обновливи извори.
Германската амбасадорка Анке Холштајн посочи дека проектот ќе овозможи годишно намалување од 310.000 тони јаглерод диоксид. Таа ја пофали Владата дека е на добар пат и привлекува странски инвестиции за обновливи извори на енергија.
– Драго ми е што гледам сѐ поголема соработка меѓу двете земји во полето на енергетиката. Проектот ги поддржува амбициозните цели на македонската влада во енергетската транзиција – кажа амбасадорката и дополни дека договорот ќе трае 45 години.