Министерството за транспорт и врски објави тендер за изградба и санација на локални патишта и улици во 17 општини, како прва фаза од проектот наречен „Македонија без кал“. Со него се опфатени 28 локални патишта и улици, во должина од 23, 6 километри, а вредноста му е 4,5 милиони евра.
– Почнува големиот проект на изградба и санација на локални патишта во 81 општина во земјава и во градот Скопје, кој опфаќа преку 400 километри локална патна инфраструктура, во вредност од околу 70 милиона евра – кажа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој истакна дека станува збор за долгорочен, петгодишен проект и дека сега почнува првата фаза, која опфаќа 17 општини, со 23,6 километри патишта.
– Министерството за транспорт и врски го објави првиот тендер за изградба и санација на патиштата. Во оваа прва фаза ќе се работат 28 локални патишта и улици, во вредност од 4,5 милиони евра. По завршувањето на тендерската постапка и роковите за избор, наесен почнуваат градежните работи, и тоа на шест улици во Богданци, три во Кавадарци, по две улици во Ѓорче Петров, Неготино и во Тетово, по една во Карпош, Кисела Вода, Илинден, Кочани, Кратово, во Македонски Брод, локален пат до селото Жубовце во Врапчиште, како и од Прналија-Шупуѓе во Радовиш до селото Слоешица во Демир Хисар, локалниот пат од Долно до Горно Липовиќ во Конче, неколку улици во селото Дворише во Берово и улицата Мице Козарев во Прилеп – објасни Сугарески.

Тој дополни дека тендерската постапка е во тек, рокот за поднесување на понудите е до 18 август, по што следува евалуација на понудите, договор со изведувач и почеток со градежните работи. Во оваа фаза се влезени само општините што до Министерството доставиле готови проекти, кои се одобрени од Светската банка. Министерот најави дека се работи и на вториот пакет општини, а тој ќе биде испратен на одобрување во Светска банка кон средината на август.

– Кон средината на август ќе ги испратиме проектите од вториот пакет на одобрување во Светската банка и веднаш штом ќе бидат одобрени, ќе го објавиме. Многу е важно во овој период општините да подготвуваат проекти и да ни ги испратат за да можеме ефикасно и навремено да ги користиме средствата што ни се одобрени. Сметаме дека со овој проект не само што ќе го подобриме животот на граѓаните туку ќе ја зголемиме и безбедноста во сообраќајот, ќе создадеме услови за економски развој на општините и за привлекување нови инвестиции – изјави Сугарески.