Фото: Игор Бансколиев

Во 2020 година се очекува повисоко ниво на цената на нафтата како резултат на засилените геополитички тензии на Блискиот Исток, најавите за потпишување на првата фаза од трговскиот договор меѓу САД и Кина, како и одлуката на земјите-членки на ОПЕК плус за дополнително намалување на дневното производство на нафта

Годинава се очекува раст на цените на нафтата, на бакарот, како и на пченицата на глобално ниво, поради што Народната банка во својот најнов преглед на тековната состојба ги оценува овие фактори како потенцијални ризици, кои можат да влијаат и врз економскиот развој во земјава.
– Во 2019 година, цената на нафтата оствари пад од речиси 5 отсто во однос на претходната година. За 2020 година, според најновите оцени, се очекува повисоко ниво на цената на нафтата, односно значително помал пад на цената во споредба со октомвриските оцени, како резултат на засилените геополитички тензии на Блискиот Исток, најавите за потпишување на првата фаза од трговскиот договор помеѓу САД и Кина, како и одлуката на земјите-членки на ОПЕК плус за дополнително намалување на дневното производство на нафта – појаснуваат во својот извештај од Народна банка.

Во извештајот, меѓу другото, се наведува дека во 2020 година се очекува цената на никелот да оствари значително помал раст во однос на очекувањата од октомври, во услови на пониска побарувачка поради забавувањето на растот на Кина и повисока понуда поради продолжување на производството од суспендираните рудници во Филипини, со што делумно би се неутрализирал ефектот од забраната за извоз на никел од страна на Индонезија.
И цената на бакарот во 2020 година ќе порасне, иако се намалени трговските тензии помеѓу САД и Кина, но поради намалени резерви се преземени мерки од страна на Кина за поддршка на растот.

– Според најновите оцени за 2020 година, се очекува дека цената на пченицата ќе се зголеми. Ова е резултат на најавите за потпишување трговски договор меѓу САД и Кина и очекувањата за зголемена побарувачка од Кина, како и понеповолната состојба со посевите во САД и лошите временски услови во регионот на Црно Море. Кај цената на пченката се проектира повисок раст од очекуваниот поради зголемените извозни даноци од страна на Аргентина и сувото време во Јужна Америка – пишува во прегледот на НБ.

Сепак, претставниците на Народна банка истакнуваат дека во периодот од ноември наваму, не се извршени дополнителни ревизии на глобалниот раст од страна на меѓународните организации, па се очекува тој да забрза во 2020 година.
– И покрај тоа што САД и Кина постигнаа согласност околу првата фаза од трговскиот договор, тој и понатаму претставува ризик за глобалниот економски раст. Исто така, неизвесноста околу брегзит е намалена по одржаните избори во Велика Британија и сега фокусот се поместува на начинот на регулирање на идните трговски односи со ЕУ во договорениот рок. Од друга страна, понагласени се геополитичките ризици, особено имајќи ги предвид случувањата на релацијата САД – Иран во текот на јануари. Помеѓу другите ризици за глобалната економија се можното поголемо забавување на растот на системски значајните економии, ризиците поврзани со финансиската ранливост на одредени брзорастечки економии и глобалните дезинфлациски тенденции – се наведува во најновиот преглед на НБ.

Оттаму, меѓу другото, се осврнуваат и на економските движења во еврозоната, како наш најголем трговски партнер.
– ЕЦБ во декември изврши минимална нагорна ревизија на проекциите за растот на еврозоната за 2019 година. Во услови на надолна корекција на странската побарувачка, растот во 2020 година е минимално ревидиран надолу, од 1,2 отсто на 1,1 процент. Во најновите проекции на ЕЦБ за инфлацијата за 2020 година е извршена минимална нагорна ревизија, како резултат на повисоките цени на нафтата – истакнуваат банкарите.