Банките би можеле во следниов период да ги продолжат мерките за одложување на плаќањата на ратите на кредитите барем за најранливите категории граѓани, не за сите. На овој начин ќе им излезат во пресрет на граѓаните што се погодени од кризата, а наедно ќе покажат и голема општествена одговорност, вели поранешниот гувернер Љубе Трпески

Одолжувањето на кризата поради понатамошното ширење на коронавирусот сѐ уште ја наметнува потребата за рестриктивни мерки, меѓу кои и посебните процедури за поминување граници поради што голем број компании се соочуваат со тешкотии во своето работење. Тоа, пак, се одразува и на платите на вработените и воопшто на работните места на граѓаните. Ваквата состојба, која во согласност со најавите на здравствените институции се очекува и да потрае, поради што е возможно да се воведуваат дополнителни рестриктивни мерки, создава неизвесност и тешкотии за реализирање на економските планови. Состојбата се одразува и врз компаниите и врз граѓаните. Поради ова се поставува прашањето дали има простор да се очекува ново одложување на наплатата на кредитите за граѓаните што се најпогодени од корона-кризата.
– Банките чувствуваат дека и тие треба да помагаат колку што можат, оти и тие имаат општествена одговорност, и потребно е да направат сѐ што можат за да излеземе колку што можеме помалку ранети од оваа ситуација.

Дополнително и мерките што ги донесе Народна банка, која чувствувајќи ја потребата за поддршка на стопанството, неколкупати го намали износот што можат да го чуваат банките кај нив, поради што на банките им останува парите да ги пласираат кај населението или кај стопанството. Така што мерките што ги преземаат банките се насочени кон поголем пласман на парите кај стопанството или кај населението – објаснува поранешниот гувернер Љубе Трпески.
Некогашниот гувернер, меѓу другото, посочува дека и во следниот период ќе биде неопходно банките повторно да им излезат во пресрет на граѓаните со ново одложување на ратите на кредитите, но само на оние граѓани што се погодени од корона-кризата и кои останале без плата или, пак, имаат намалени приходи.
– Би можело во следниов период банките да ги продолжат мерките за одложување на плаќањата на ратите на кредитите барем за најранливите категории граѓани, не за сите, но за оние што нередовно ги добиваат своите плати треба да се разгледа ваква опција. На овој начин ќе им излезат во пресрет на граѓаните што се погодени од кризата, а наедно ќе покажат и голема општествена одговорност – дополнува Трпески.
Уште еден банкар, кој овој пат сакаше да остане анонимен, посочува дека ова е прашање што би требало да се разгледа во овој период и нагласи дека вакви прашања треба да се дебатираат на ниво на држава.

– Имаме засегнати граѓани од корона-кризата и многу е важно да им се помогне на оние што се оштетени. Досега државата им помогна на многу субјекти што беа погодени од кризата, но и на некои што не беа погодени. Сега, ново одложување на кредитите или друг тип помош треба да обезбеди државата, а сега сѐ уште немаме функционални институции. И додека дел од граѓаните се соочуваат со сериозни проблеми поради немањето приливи, имаме одлука што уште повеќе им го зголемува финансискиот товар, особено на ранливите категории граѓани, како што е поскапување на струјата. Тука нема конзистентност, нема доследност во мерките. Со една мерка се помага, со друга се одмага. Целосната политика треба да биде обмислена – вели нашиот соговорник.
Тој посочува дека голем дел од банките имаат можност да издржат уште некој месец поддршка на ранливите категории, но нагласува дека не треба да се одложуваат кредитите за сите корисници, туку само на оние што се засегнати од корона-кризата.
На почетокот на корона-кризата, банките во земјава заеднички договорија одложување на кредитите, односно одложување на нивната отплата за период од шест месеци, иако во текот на месеците додека се одложени побарувањата и понатаму се пресметува каматата за кредитите.

Сите што ги одложиле своите обврски кон банките од октомври ќе треба да започнат со исплата на истите тие, бидејќи завршува шестмесечниот период на одложување.
При носењето на оваа одлука банкарите посочија дека понудата за одложено плаќање на кредитните обврски на клиентите на банките беше изработена во заедничка комуникација, соработка и согласност меѓу банките, Македонската банкарска асоцијација, Народната банка, како и сите надлежни институции во државата. Притоа беше посочено дека целта на ова одложување е олеснување на финансискиот товар на граѓаните и фирмите што се корисници на кредит, поради една од најголемите светски економски кризи. Во согласност со понудата, на клиентите им беше овозможено да ги одложат своите кредитни обврски во период до 6 месеци, односно до 30.9.2020 година. Притоа, во овој период граѓаните и компаниите, кои се договориле со банката каде што имаат кредит, да не ги плаќаат обврските, а банката пресметува камата за кредитниот продукт.

Наплатата на пресметаната камата ќе се врши по ставање на кредитот во редовна отплата и таа ќе биде распределена на еднакви рати до крајот на целосната отплата на кредитот. Во согласност со информациите од банкарските здруженија, речиси 70 отсто од граѓаните што имаат кредитите прифатиле одложување на плаќањето на кредитите. Банкарската фела укажа дека поради првичната состојба на неизвесност и несигурност кај населението голем дел од граѓаните ја прифатиле понудата за одложување, како и дека дел од оние што одбиле одложување на кредитните обврски, подоцна побарале одложување на исплатата на кредитите.