Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оваа година НБРМ трипати ја намали основната каматна стапка, и тоа во март, од 3,25 на 3 отсто, потоа во август ја спушти на 2,75 проценти и сега, во декември, е на историски најниско ниво од 2,50 отсто

Ќе донесе ли последното намалување на каматите на благајничките записи и пониски камати на кредитите за домаќинствата и за бизнис-заедницата? Иако ова е третпат како Народна банка на Република Македонија (НБРМ) ги намалува каматите на благајничките записи, на ниво што досега не е регистрирано во земјава, сепак, реакциите кај комерцијалните банки како да изостануваат.

Упатените во банкарското работење велат дека со намалувањето на каматите на благајничките записи, НБРМ им испраќа сигнал на банките дека треба да пласираат повеќе пари во стопанството и кај граѓаните. Ова на некој начин е сигнал за намалување на каматите на кредитите што ги даваат, но сепак пред таков чекор, велат упатените, банките прават свои калкулации па одлучуваат какви мерки ќе преземат.

– За разлика од комерцијални банки во развиените земји, кои зависат од централните банки, кај нас зависноста на комерцијалните банки од НБРМ не е толку голема. Нивната ликвидност е доволно голема за да не зависат од нејзините одлуки – објаснува поранешниот гувернер Љубе Трпевски.

Тој додава дека поради големата ликвидност на комерцијалните банки, тие не пристапуваат кон намалување на каматите на кредитите, туку допрва ќе прават калкулации.

Претставниците на Народна банка појаснуваат дека најновото намалување на основната каматна стапка е одраз на поволните движења на девизниот пазар, каде што во континуитет НБРМ откупува девизи.

– Всушност во текот на целата година, интервенциите на НБРМ на девизниот пазар се клучен фактор на раст на девизните резерви. Вкупниот откуп на девизи на НБРМ од почетокот на годинава заклучно со крајот на ноември изнесува околу 315 милиони евра, што е највисок откуп во последните десет години. Ова покажува солидна позиција на билансот на плаќања на земјата и доверба во домашната валута, што остава простор монетарната политика да дејствува порелаксирано, без притоа да се наруши макроекономската стабилност – објаснуваат од Народна банка.

Оваа година НБРМ трипати ја намали основната каматна стапка и тоа во март, од 3,25 на 3 отсто, потоа во август ја спушти на 2,75 проценти и сега, во декември, е на историски најниско ниво од 2,50 отсто.

– Би сакале да напоменеме дека монетарното олабавување до средината на годинава, во услови на стабилен амбиент и поволни перцепции, имаше ефект и врз цената на финансирањето на приватниот сектор преку банкарските кредити. Всушност и податоците за каматната стапка на вкупните кредити заклучно со октомври покажуваат намалување од околу 0,4 процентни поени во однос на крајот на претходната година. Секако, приспособувањата не се случуваат веднаш, односно вообичаено е потребно извесно време за банките да ги направат соодветните приспособувања во нивните каматни стапки – велат од НБРМ.

Од централната банка додаваат дека треба да имаме предвид дека цената на кредитите се состои од повеќе компоненти, па со тоа и нивната промена не е условена само од промените во поставеноста на монетарната политика. Значајни фактори што влијаат врз формирањето на каматите на кредитите на комерцијалните банки се оцените за ризичноста на клиентите од страна на банките, степенот на конкуренција во системот, специфичностите на самите банки, изворите на нивното финансирање.

– Како централна банка, постојано, преку сите расположливи инструменти дејствуваме кон одржување на целосно стабилен амбиент што секако влијае за намалување на вкупната премија за ризик и цената на финансирањето во економијата – додаваат од Народна банка.

Кредитната активност на банкарскиот сектор во вториот квартал бележи раст од 6,3 отсто на годишна основа, за што поголем придонес има кредитирањето на домаќинствата.

– Намалувањето на каматната стапка на благајничките записи е сигнал дека условите овозможуваат монетарната политика дополнително да се релаксира, имајќи предвид дека постои значајна ликвидност во банкарскиот сектор, кој недоволно се канализира во кредитна активност. Ова е потврда дека реалниот сектор, особено реалниот сектор на домашните компании, сѐ уште е во позиција на исчекување, особено што во претходниот период имавме политичка криза, па потоа и неизвесност наметната од недоволно јасната визија и насока на економските политики на владата. Пониската каматна стапка би требало да придонесе за заживување на економската активност. Меѓутоа, таа е далеку од најбитниот фактор, бидејќи она што менаџерите главно го земаат предвид е ризикот од реализацијата на нивните проекти – вели Марјан Петрески, универзитетски професор.

Тој додава дека намалување на каматните стапки се забележува и кај кредитите, но тоа е побавно, а каматната маргина кај банките сѐ уште е висока, па дури и со тенденција да расте.

Од бизнис-заедницата сметаат дека банките се премногу конзервативни во поглед на кредитирањето. Според нив, банките со години работат само со неколку вида кредити и не воведуваат нови банкарски производи што ќе значат повеќе пари за бизнисот.
– Неопходно е да се воведат нови продукти во банкарскиот сектор, да има кредити врз основа на бизнис-идеи и бизнис-планови. Мора да размислуваат доколку имаат вишок средства како да ги вложат во бизнисите, а не да продаваат само хипотекарни кредити – вели бизнисменот Горан Рафајловски.

Додека фирмите и граѓаните чекаат поевтини кредити, банките уриваат рекорди со заработувачката. Во првите девет месеци годинава тие остварија профит од 124 милиони евра.