Енергетска криза е на глобално ниво и постои, а ние сме свесни за нејзините димензии и сме подготвени да одговориме и работиме на тоа. Ќе реагираме не само со Буџетот во 2022 година, туку и со актуелниот Буџет за годинава зашто ефектите од енергетската криза веќе се чувствуваат во нашата економија. Не можам сега да кажам колку ќе биде тоа во однос на цените, а ниту сум надлежен за тоа, ниту, пак, Владата е, туку е регулаторното тело, истакна денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој порача дека во актуелниот Буџетот има средства од програмата за Ковид-19 од околу 6 милијарди денари кои се уште не се реализирани и со нив може да се поддржат енергетските компании. За таа намена, како што рече, во Владата се формира работно тело од повеќе ресори кое треба да одлучи дали и како ќе бидат поддржани. Веројатно, додаде тој, ќе излезат со предлог мерки и тоа ќе биде спроведено со заклучок од Влада.

– Во Владата има работен тим што ја следи состојбата и во зависност од тоа каде ќе се ослободат средства ќе се интервенира. Битно е граѓаните да знаат дека ќе се направат сите напори пред се да има доволно електрична енергија и да се ублажи ценовниот ефект. Не прејудицирам од каде и што, само сакам да кажам дека се уште има простор во Буџетот зашто од планираниот буџетски дефицит од 6,5 отсто остварен е само 3,8 отсто. Решенијата што ќе се донесат треба да бидат конзистентни и одржливи за да може да се справиме успешно и со овој предизвик како што беше и со пандемијата со Ковид-19 – рече Бесими.

Министерот потсети дека во текот на 2021 година Владата уште пред почетокот на енергетската криза го намали ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 отсто за домаќинствата.