Акцелераторот УКИМ го објави повикот за акцелераторска програма (BAU APA2021) за поддршка на напредните стартапи и брзорастечките компании што се подготвени да го освојат глобалниот пазар. Програмата ќе генерира ново знаење и ќе ги претвори иновативните решенија на стартапите во профитабилни бизниси. Поднесувањето на апликацијата е најдоцна до 12 септември. За деталите од оваа програма разговаравме со Јакоб Гајшек, директор на Инкубаторот на Универзитетот во Љубљана, Словенија, ментор на Акцелераторската програма BAU APA2021 на Акцелераторот УКИМ, на тема „Валидација на вредноста на вашиот производ“.

Јакоб Гајшек, директор на Инкубаторот на Универзитетот во Љубљана, Словенија, и ментор на Акцелераторската програма BAU APA2021 на Акцелераторот УКИМ

Компаниите од мали нови екосистеми треба да бидат многу амбициозни, бидејќи домашниот пазар е мал и мора да се освои глобалниот пазар. И таму, големите соништа може да станат реалност

Која ќе биде вашата улога во акцелераторската програма BAU APA2021 и која беше вашата мотивација да се вклучите?
– Низ програмата APA2021 на Акцелераторот УКИМ, ќе им помогнам на стартапите да ја валидираат вредноста на нивниот производ и да разберат што значи предлог за добра вредност и како тие можат да ја унапредат. Отсекогаш се трудев да бидам многу активен во регионалниот стартап-екосистем и оваа програма е уште една брилијантна можност за стартапите да научат за однесувањето на нивниот бизнис на следното ниво.

Зошто се важни овие акцелераторски програми и кои се бенефициите од нив за стартап-компаниите?
– Патот на пробивање на еден стартап е многу тежок, но многу е полесно ако имате поддршка по тој пат. Во оваа акцелераторска програма ќе добиете знаење од експерти, навистина ќе го посветите вашето време на развојот вашиот стартап и, можеби најважно, ќе ја зголемите вашата мрежа на луѓе слични на вас, други основачи со кои ќе се поддржувате. Животот на стартапите е многу поубав ако сте дел од заедницата.

Можете ли да споделите со нас некои остварувања и успеси од соработка со стартапи?
– Соработувавме со доста стартапи, во кои се инвестирани над шест милиони евра. Неколку од најзначајните се Juicy Marbles, Beeping, Influee, Videobolt, Hotailors и така натаму. Ние им помогнавме главно со своите први чекори, а сега тие ја надминаа нашата заедница и ние сме среќни што сме им ментори. Тие растат многу брзо и постојано освојуваат нови пазари.

Кои се трендовите сега во развиените стартап-екосистеми и како тие може да бидат корисни за екосистеми во развој, каков што е македонскиот?
– Голем тренд е deeptech – стартапи што користат напредна технологија за да создадат голема вредност за своите клиенти. Стартапите во развиените екосистеми се генерално поамбициозни – но и вие треба да бидете исто така. Не плашете се да бидете амбициозни. Компаниите од мали нови екосистеми треба да бидат многу амбициозни, бидејќи домашниот пазар е мал и мора да го освоите глобалниот пазар. И таму, големите соништа може да станат реалност. Треба да работите многу напорно, а исто така да имате и малку среќа. Но, сепак, не постојат граници за вашиот успех.

Зошто стартапите треба да бидат дел од APA2021?
– Акцелераторската програма ќе ве поврзе со меѓународни експерти, ќе ви помогне да најдете слични луѓе дома и ќе ви помогне да го унапредите вашиот бизнис. Што повеќе би можеле да побарате?

Од Акцелераторот УКИМ посочуваат дека бараат посветен тим од најмалку двајца членови со иновативна идеја и глобална визија за раст, со професионално искуство до пет години, со минимум 51 отсто македонска сопственост и со дефинирана интелектуална сопственост, кои се заинтересирани за тренинг од глобални експерти, искуство од успешни стартапи, професионално менторство, мрежа на контакти, можност за инвестирање од БАУ до 100.000 евра и постојана поддршка.