Фото: Игор Бансколиев

Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, најновото намалување на основната каматна стапка нa Народната банка е во правец на создавање услови повеќе пари да одат во стопанството. Но наедно е показател дека бизнисот не се справува со кризата најдобро и дека му е потребна поголема поддршка за надминување на состојбите

Народната банка создава услови за нови намалувања на кредитите на комерцијалните банки, но колку овој сигнал ќе го следат банките допрва ќе одлучуваат поединeчно. Со намалувањето на основната каматната стапка за дополнителни 0,25 процентни поени, до нивото од 1,25 отсто, НБРСМ испраќа сигнал да се зголеми поддршката за домашната економија.
Како што посочија од НБ, одлуката за понатамошно монетарно олабавување се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата.
– Понатамошното олабавување на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија. Во прилог на одлуката е и понагласениот приспособлив карактер на Европската централна банка (ЕЦБ) заради одржување на поволните финансиски услови во подолг период. Олабавувањето на монетарната политика е заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, која сѐ уште трае – се наведува во соопштението на НБ.

Оваа одлука за ново намалување на основната каматна стапка, според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, е во правец на создавање услови повеќе пари да одат во стопанството. Но наедно поранешниот министер укажува дека последната одлука на НБ е и показател дека бизнисот не се справува со кризата најдобро и дека му е потребна поголема поддршка за надминување на состојбите.
– Наспроти уверувањата на министрите дека во стопанството сѐ е добро, оваа постапка на Народна банка покажува дека имаат индикации дека целото стопанство не се справува добро со кризата. Министрите ја опишуваат ситуацијата многу розово. Овој потег на НБ е спротивно со тие тврдења. Сепак, оваа одлука за намалување на основната камата е превентивна и реална мерка што може да го поддржи стопанството – истакнува Хајредини.
Поранешниот министер исто така укажува дека владините претставници мора да се особено внимателни во следниот период поради фактот што имаме зголемени обврски по основа на позaјмени кредити и поради фактот што доспеваат за враќање големи суми.
Поранешниот гувернер Петар Гошев, пак, истакнува дека со оваа одлука на Народна банка со спуштање на каматата им се дава сигнал на комерцијалните банки да ги намалат нивните камати, но со тоа и да се намалат трошоците за компаниите.
– Народна банка сака во оваа општа економска ситуација да придонесе со дополнително намалување на трошоците на кредитирањето кон стопанството и кон граѓаните. Тоа е основната цел на последното намалување на каматата. Индиректно праќа сигнал до банките и сега зависи од нивните одлуки. Ова е трансмисионен механизам и колку од банките ќе го следат потегот на НБ и сигналот за намалување и на нивните камати, останува да видиме. Комерцијалните банки е нормално да внимаваат каде и кога ги даваат кредитите, секако и со колкави камати, но за да се избегнат ризици, кои видовме до што може да доведат кога се даваат нереални кредити, банките сами одлучуваат какви камати ќе имаат. Сепак, мора да сме свесни дека банките исто така се посредници и тие работат пред сѐ со пари од штедачите. Значи преку каматата банките треба да обезбедат средства за вработените, за акционерите, но и за штедачите што ги довериле средствата во банката. Па бидејќи работат со туѓи пари се внимателни при намалување на каматите – нагласува Гошев.
Наедно поранешниот гувернер укажува дека вообичаено со намалување на каматите на кредитите, банките ги намалуваат и каматите на депозитите, поради одржување на својата профитабилност, што исто така може да се очекува по одлуката за намалување на основната каматна стапка.

Од Народна банка наедно укажуваат дека, според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, и во последниот квартал од 2020 година забавува падот на бруто-домашниот производ, во согласност со очекувањата, а остварениот пад на економијата за целата 2020 година е главно во рамките на последните проекции.
– Имено, бруто-домашниот производ во последниот квартал од 2020 година забележа пад од 0,7 отсто на годишна основа, по падот од 3,3 проценти во претходниот квартал. Со тоа, реалниот пад на економијата во 2020 година изнесува 4,5 отсто, што е во согласност со проeкциите на Народната банка за пад од 4,9 проценти. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал 2021 година се ограничени и засега тешко можат да се извлечат јасни сигнали за економската активност во овој период – посочуваат од НБ.
Универзитетскиот професор Томе Неновски, за „Нова Македонија“ истакна дека актуелната тенденција на НБ за олабавување на монетарната политика создава можност за натамошно намалување на каматните стапки на банките и реално е да се очекува тоа да се случува и во претстојниот период.
– Вообичаена практика во време на рецесија, како сега, каматните стапки се намалуваат, за да се зголемат побарувачката на кредити, инвестициите и производството и постепено земјата да ја надминува рецесиската фаза. Во тој процес, неминовно е да дојде до израз конкуренцијата на банките во нудење пониски или поатрактивни каматни стапки од другите банки и со нудење дополнителни поволности во кредитирањето, за да ги задржат постојните, но и да привлечат други кредитокорисници – дополнува Неновски.

Тој посочи дека многу голем процент, над 40 отсто, од приходите на банките доаѓаат од разни провизии што банките ги наплаќаат од коминтентите. Ова, вели Неновски, значи дека за сметка на растечките приходи од провизиите, банките би можеле да извршат дополнителни намалувања на каматните стапки на кредитите. Сепак, посочува дека во исто време банките ги намалуваат и каматните стапки на депозитите, што, истакнува Неновски, за депонентите, особено физички лица, не е благопријатна и прифатлива ситуација.
Во текот на минатата година Народна банка трипати ја намали основната каматна стапка, и тоа еднаш во јануари од 2,25 отсто на 2 проценти, па потоа во март на 1,75 отсто, а во мај минатата година ја спушти на 1,5 отсто.