Јужнокорејските власти се заканија со казна од речиси 10 милиони долари за германскиот производител на автомобили БМВ, кој е обвинет за одолговлекување при повлекување на возилата со дефектни мотори, кои се запалиле во неколку случаи.

Фотографии од запалени возила се наоѓале на насловни страници во Јужна Кореја во текот на летото, а локалните медиуми тогаш пренесуваа дека се запалиле над 40 автомобили. По тие случаи, некои паркинзи не ги прифаќале возилата на БМВ стравувајќи дека ќе се запалат.

БМВ повлече околу 170.000 возила од Јужна Кореја поради проблеми во системот за ладење, што предизвикува палење на моторите.

Германскиот производител во август соопшти дека повлекува 480.000 возила од Европа и некои азиски земји, меѓу кои и Јужна Кореја. БМВ потоа нагласи дека ќе повлече дополнителни милион возила.