Фото: Архива

Меморандум на Народната банка и АСО

Народната банка и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) склучија нов меморандум, кој ќе придонесе за зајакнување и продлабочување на соработката помеѓу двете институции на повеќе нивоа, а со тоа и кон натамошно јакнење на финансиската стабилност, соопштија од НБРСМ. Меморандумот за соработка беше потпишан од страна на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.
– Унапредувањето на соработката помеѓу Народната банка и АСО е од големо значење, имајќи ја предвид и интензивираната соработка меѓу банкарскиот и осигурителниот сектор, пред сѐ преку поврзување на банкарските и осигурителните производи. Продлабочената соработка меѓу двата сектора на финансискиот систем е фактор за поблиска координација и содејствување на двете институции заради подобро управување и справување со можните ризици и одржување на стабилноста на финансискиот сектор – пишува во соопштението.

Меморандумот содржи три групи активности за кои двете институции ќе се координираат и заедно ќе дејствуваат: соработка при изработка на регулативата, размена на податоци и информации и можност за спроведување заеднички контроли доколку се оцени потреба од нив.

Поконкретно, со меморандумот се предвидува и соработка помеѓу двете институции при изработка на подзаконските акти коишто се однесуваат на субјектите што се од заеднички интерес.

Во согласност со документот, ќе се зголеми и опфатот на податоци и информации коишто ќе ги разменуваат двете институции за потребите на анализите на финансиската стабилност, како и во доменот на микропрудентниот надзор.
– Финансиската стабилност е заеднички приоритет и обврска на финансиските регулатори. Поблиската соработка меѓу регулаторите во изминатиот период и новиот формат на Комитетот за финансиска стабилност воспоставен во април минатата година, во кој се вклучени сите финансиски регулатори, придонесуваат за напредок во остварувањето на заедничката цел – одржување на финансиската стабилност. Сето ова обврзува на натамошно унапредување на меѓусебната соработка, за јакнење на стабилноста и отпорноста на финансискиот систем како носечки столб на економијата – велат од институциите. К.П.