Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економските мерки во посткризниот период, според најавите од Владата, ќе бидат насочени кон стимулирање на личната потрошувачка на граѓаните и дополнителна поддршка на стопанството за заштита на ликвидноста и на работните места, за зголемување на конкурентноста и продуктивноста и за модернизирање на опремата и на процесите

Фискалната политика се соочува со сериозни проблеми, бидејќи има драстичен пад на јавните приходи, односно намалување на директните и индиректните даночни приливи, додека јавните расходи значително се зголемија. А сето тоа доведува до продлабочување на буџетскиот дефицит, кој во услови на стимулативна фискална политика би можел да достигне голем размер и да ги наруши фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг. Иако во услови на криза се неминовни значително продлабочување на буџетскиот дефицит и зголемување на јавниот долг, економските експерти предупредуваат оти мора многу да се внимава за да не се наруши дополнително ликвидноста на економијата, која и така е многу кревка.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, јавните приходи се намалија како резултат на економската криза предизвикана од пандемијата. Имено, производството се намали, граѓаните и фирмите се воздржуваа од потрошувачка, што доведе до пониски даночни приходи за државата.
– Се направи одредена рационализација на трошењето, меѓутоа зголемената потреба за трошење за здравствениот сектор и пакетите економски мерки предизвикаа обемот на расходите да се зголеми. Оттука, и буџетскиот дефицит значајно се прошири во 2020-та, а и проекцијата за 2021-та е висока иако упатува на фискална консолидација во однос на претходната година – објаснува Петрески.
Тој додава дека сето ова понатаму предизвика јавниот долг да се зголеми значајно, за над 10 процентни поени, и да оперира на психолошката граница од 60 отсто од БДП.
– Ова ќе беше многу загрижувачко во нормални околности, но во пандемиски околности е сосема очекувано и оправдано. Бидејќи, ако не се задолжевме, тогаш ќе видевме голем скок на невработеноста и голем број банкроти на фирми – истакна Петрески.

Професорот нагласува дека и академската заедница на глобално ниво и меѓународните финансиски институции зазедоа став дека владите мора да трошат за да ги зачуваат работните места и фирмите, особено најранливите.
– Оттука, за јавните финансии сега не можеме да дискутираме и анализираме како што тоа би го правеле во нормални времиња. Но оправдано е прашањето како ќе ги консолидираме по завршувањето на пандемијата, кое се очекува дека ќе стане реално со напредувањето на вакцинирањето. По пандемијата, ќе биде неопходна поголема фискална консолидација – истакнува Петрески.
Според него, ќе биде погрешно ако таа е линеарна, односно настанат кратења кај сите буџетски програми или ако се сведе на драстично зголемување даноци.
– Политиките ќе треба внимателно да се позиционираат некаде на средината. На пример, ќе мора поамбициозно да се кратат непродуктивни трошења, но трошењата за клучните сектори веројатно ќе треба да се зголемат. На пример, образованието од пандемијата ќе излезе со некои поуки, кои ќе наметнат трошења за да се зголеми отпорноста на образовниот систем на нови вакви потреси. Истото тоа се однесува и на здравствениот сектор, кој по пандемијата ќе треба особено да се насочи кон инвестициите во кадар, како и капиталните инвестиции, кои мора да бидат еден од моторите на постпандемискиот економски раст – објаснува Петрески.

Што се однесува до даноците, тој вели дека консолидација ќе биде неопходна и на таа страна, првенствено преку зголемување на даночната база и ревизија на даночните олеснувања, а на среден рок и размислувања за нагорна корекција кај некои даноци, како што се персоналниот данок на доход и данокот на добивка.
– На крајот, клучно ќе биде сето ова по пандемијата да се изведе во консултативен процес, добро осмислен и со тајминг што ќе овозможи економските агенти да се приспособат кон промените – истакна Петрески.
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ велат дека во следниот период фискалната политика мора да биде водена по строги правила, ефикасно и ефективно трошење на расположливите средства, целосно избегнување популистички мерки и давање приоритет на проекти со најголем мултипликатор.
– Истовремено, треба да се размислува и за модел што ќе обезбеди повисоки приходи, првенствено преку зголемување на основата за оданочување – споменуваат од „Фајненс тинк“.
Во новата фискална стратегија за периодот 2021-2023 година што ја донесе Владата стои дека економските мерки во посткризниот период ќе бидат насочени кон стимулирање на личната потрошувачка на граѓаните и на дополнителна поддршка на стопанството за заштита на ликвидноста и на работните места, зголемување на конкурентноста, продуктивноста и модернизирање на опремата и на процесите.