Што да се прави со текстилната индустрија?

На почетокот би сакал да напоменам дека сум емотивно врзан за текстилната индустрија. Мојата работна кариера започна во Републичкиот завод за општествено плaнирање на СРМ (РЗОП), каде што се вработив во почетокот на далечната 1968 година и бев задолжен за текстилната, кожарската и гумарската индустрија.
Новинарките на „Нова Македонија“, Катерина Панчевска и Петранка Огнаноска заслужуваат признание затоа што го отворија прашањето за реалната економија. Спомнатите новинарки во своите написи се осврнуваат и на текстилната индустрија. Нереално би било да се очекува тие да понудат конкретни решенија за мошне деликатните проблеми со кои се соочува македонската текстилна индустрија. Морам да кажам дека ни јас немам претензии да нудам конкретни решенија, но ќе се обидам да изнесам некои идеи, кои би можеле да бидат од корист за развојот на нашата текстилна индустрија.

Убеден сум дека, доколку беше жив, најдобар одговор на поставеното прашање можеше да понуди еминентниот стопанственик, творецот на компанијата „Астибо“ од Штип, Михајло Нетков. Најискусниот жив македонски политичар Стојан Андов, во својата колумна објавена во неделникот „Фокус“, на 11.5.2018 година, покрај другото, напиша: „’Астибо’ во Штип за време на СФРЈ имаше студио за модерни креации на скапи фустани, сукњи, блузи, за извоз на европскиот пазар. Во тоа студио работеа или гостуваа тогашни врвни југословенски, но и италијански и француски модни креатори.“ Господинот С. Андов сугерира, со помош на државата, да се основа барем едно поголемо и помодерно студио во јавно-приватна сопственост, а за неговите услуги да можат да конкурираат членките на институцијата што го држи студиото. Мислам дека мислењата и предлозите на авторот на колумната заслужуваат целосно внимание и дека државата ќе има слух за создавање соодветно студио.

Ја користам оваа пригода да сугерирам, со поддршка и помош од државата, да се ангажираат познати креатори и моделари од водечките светски компании од Италија, Франција и од Шпанија. Добро би било да се пристапи кон откривање и стипендирање млади таленти што би се обучувале во познатите светски модни центри. Голем проблем во државата е што не постои систем за откривање и развој за таленти во одделните области: наука, уметност, спорт итн.

Во времето на СФРЈ развојот на македонската текстилна индустрија беше насочуван во согласност со политиките на итрите Словенци и отсуството на визија на македонските политичари. Кога се вработив во РЗОП, во плакарите најдов само два елабората: елаборатите беа насловени „Можности за развој на предилниците на памучно предиво“ и „Можности за развој на ткајачниците на памучни ткаенини во СРМ“. Елаборатите беа изработени од Текстилниот институт од Марибор (Словенија) и беа напишани на српско-хрватски јазик. За изработката на елаборатите биле платени 30 милиони динари, кога платите на факултетски образовани луѓе во Македонија се движеа од 80 до 100 илјади динари!

Во елаборатите се предлагаше модернизација на постојните предилници („Македонка“ во Штип, „Струмичанка“ во Струмица и „Билјана“ во Прилеп) и изградба на нови предилници во Охрид и во Гевгелија. Во вториот елаборат се предлагаше модернизација на постојните ткајачници и изградба на нови ткајачници во секое поголемо место во Македонија. Со овие елаборати македонската текстилна индустрија требаше да ѝ служи како суровинска база на словенечката текстилна индустрија. Нашата република својата квота во глобалната (југословенска) девизна квота (ГДК) ја трошеше за увоз на памук, кој се користеше за производство на предива и ткаенини, од кои во СРМ се финализираа само 20 отсто, а преостанатото се финализираше во Словенија и другите југословенски републики и се извезуваше на странските пазари. Најилустративно и на шеговит начин тоа го кажа претставникот на словенечката компанија „Југотекстил“ во Прага при крајот на седумдесеттите години од минатиот век: „Јас во ЧССР извезувам мали и скапи работи – женски гаќи“.

На крајот на мојот мандат во РЗОП подготвив проекција за развој на текстилната индустрија во периодот 1971-1975 година. Во овој документ укажав на грешките што се направени во развојот на текстилната индустрија, со заклучок во иднина приоритет да му се даде на развојот на финалните фази, кои бараат два-три пати помали инвестиции, а даваат два-три пати поголем финансиски ефект отколку примарните фази. Проекцијата беше прифатена од Стопанската комора и Извршниот совет на СРМ, што придонесе за пресврт од примарното на финално производство.

Распаѓањето на СФРЈ, кое се случуваше во време на глобализацијата на светската економија, ја доведе македонската текстилна индустрија во мошне деликатна состојба. Поради недостиг од девизи за увоз на памук, дојде до ликвидација на сите предилници и ткајачници во Македонија. Финалните фази, поточно производството на конфекциски производи, беа изложени на убиствена конкуренција од земјите од Југоисточна Азија, особено од Кина. Ниските плати во овие земји придонесоа за експлозивен развој на трудоинтензивните дејности, меѓу кои посебно место зазеде текстилната индустрија. Под налетот на конкуренцијата од земјите од Југоисточна Азија, пропаднаа голем број текстилни фабрики, меѓу кои и конфекцискиот гигант „Астибо“ од Штип. Падот на „Астибо“, пак, придонесе за основање осумдесетина приватни конфекции, кои се оставени да се снаоѓаат сами. Практично, сите овие компании работат на основа на ЛОН-аранжмани. Поради ниските плати во Македонија, повеќе компании од Грција отворија свои текстилни фабрики, кои по зголемувањето на минималната плата си заминуваат од нашата држава!

Имајќи предвид дека има мошне важен удел во извозот и вработувањето во нашата држава, текстилната индустрија заслужува да ѝ се посвети посебно внимание. Компаниите од развиените западни земји мошне добро знаат дека Македонија има квалитетна текстилна индустрија и со задоволство би дошле доколку се создадат поволни услови за тоа.

Ја користам оваа пригода да поставам неколку прашања. Дали некој (и кој?) македонски министер во разговорите со своите колеги од развиените западни земји разговарал за можностите за соработка во областа на текстилот или дали имал средби и разговори со водечки луѓе од големите светски текстилни компании? Зошто државата не им помага на македонските текстилни компании да учествуваат на познатите светски саеми? Сурии државни чиновници се растураат од патувања по светот, а ваму нема пари за учество на (веле)саеми на претставници од реалната економија? Благодарение на љубезноста на директорот на Познањскиот велесаем, три години за македонските текстилни и земјоделски компании обезбедував бесплатен простор од 50-60 квадратни метри, но, за жал, тие не доаѓаа, со изговор дека им недостигаат пари.

Авторот е поранешен дипломат