Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе дејствуваме како финансиски супермаркет, каде што секој ќе може да ги задоволи своите потреби и да го избере она што му е најпотребно и што му носи додадена вредност. Нашата посветеност да ги разбираме и да ги опслужуваме клиентите ќе биде во фокусот на нашето работење, потенцира главниот извршен директор на Шпаркасе банка Македонија, Глигор Бишев

Со упис на статусната промена присоединување, и официјално заврши процесот на присоединување на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе банка Македонија АД Скопје. Со ова Шпаркасе банка станува дел од групата големи банки, заземајќи ја четвртата позиција на банкарскиот пазар.
– Со успешната завршница на процесот на присоединување, Шпаркасе банка Македонија ја прошири својата клиентска база и го зголеми пазарниот удел на 13,4 отсто во сегментот население и 15,1 проценти во сегментот корпоративни клиенти. Уделот на банката на девизниот пазар ќе изнесува 25 отсто. Шпаркасе е депозитарна банка на околу 50 проценти од вкупните средства и извршува 40 отсто од тргувањето со хартии од вредност на меѓународни пазари. Интегрираната Шпаркасе банка Македонија сега веќе опслужува повеќе од 140.000 клиенти во земјата, има над 35 експозитури и широка мрежа на банкомати, на приближно сто локации низ државата – посочуваат од банката.
Со вкупна актива од 1,15 милијарда евра, Шпаркасе банка Македонија се позиционира во рангот на големите банки на пазарот како број еден во сегментот депозитарна банка, број два во корпоративниот сегмент и број три во сегментот население, нудејќи им на своите клиенти атрактивни производи и услуги, како и експертиза што доаѓа од Ерсте-групацијата и Шпаркасе.

– Во изминатите две години бевме посветени на градење една поуспешна банка на пазарот, со пошироки перспективи за понатамошен развој, и креиравме одржливи вредности за нашите клиенти и акционери. Задоволен сум што го зголемивме нашето присуство во Северна Македонија речиси за трипати и станавме референтна банкарска групација во земјата. Заедно со силата на Ерсте-групацијата, наша цел е да го зголемиме нашиот придонес уште повеќе во следните неколку години. Ние ги гледаме Западен Балкан и Северна Македонија како регион со многу висок потенцијал за раст и презедовме уште еден чекор во вистинската насока, што се покажа со позитивниот исход на проектот на интеграција – изјави Георг Бухер, член на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе и претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе банка Македонија.
Главниот извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе банка Македонија, Глигор Бишев, на вчерашното официјално спојување на двете банки потенцира дека со задоволство може да констатира дека Охридска и Шпаркaсе банка се една банка – Шпаркасе банка Македонија.
– Ова е банка во која секое трето семејство во Македонија има сметка, во која повеќе од две третини од присутните мултинационални компании ги вршат своите трансакции, и сме водечки во проектното финансирање и во поддршката на растот и развојот на македонската економија. Ќе дејствуваме како финансиски супермаркет, каде што секој ќе може да ги задоволи своите потреби и да го избере она што му е најпотребно и му носи додадена вредност. Нашата посветеност да ги разбираме и да ги опслужуваме клиентите ќе биде во фокусот на нашето работење. Со уште поголем и професионален тим и поголема достапност на нашите услуги ќе продолжиме да градиме уште помодерна и помоќна Шпаркасе банка Македонија. Ќе продолжиме да бидеме банка од доверба, која е препознатлив партнер на македонските економски субјекти. Ќе останеме хумана банка, која се грижи за вработените, за клиентите, за животната средина и за општеството. Заедно ќе ги дизајнираме проектите, ќе бидеме отворени за иновативни идеи и решенија, кои ја динамизираат македонската економија. Заедно можеме повеќе – изјави Бишев.

Од банката посочуваат дека во изминатиот период на присоединувањето, но и сега, по неговото завршување, во фокусот остануваат потребите на клиентите и грижата за нивниот напредок и остварување на заедничките цели. Потенцираат дека проширен стручен тим е достапен за поддршка и за советување на клиентите преку експозитурите на банката, како и во корпоративниот центар за опслужување и поддршка на клиентите во централата во Скопје.
– Следејќи ги современите трендови на банкарскиот модел на работење во Ерсте-групацијата и Шпаркасе, Шпаркасе банка Македонија од почетокот на годината го воведе новиот модел на експозитура, направен според највисоките стандарди за безбедност и заштита при работа, со висококвалитетни материјали, кои освен со својот модерен дизајн, овозможуваат и заштеда на топлинска и на електрична енергија. Од минатата недела започна со работа експозитурата Центар во Скопје, како прва прототип-експозитура со 24/7 зона, во која клиентите ќе можат да ги извршат потребните банкарски услуги – посочуваат претставниците на Шпаркасе.
Оттаму додаваат дека во сегментот население се издвојуваат на пазарот со единствена најдолго гарантирана каматна стапка за потрошувачки кредит, фиксна за првите осум години, со што нуди стабилност и финансиска извесност за своите клиенти.

Водејќи се од определбата за постојано подобрување и унапредување на производите и на услугите, од Шпаркасе посочуваат дека креирале најразлични понуди, кои во периодот што следува ќе можат да ги користат сите нови и постојни клиенти.
– Преку поврзаноста со другите банки ќерки во Ерсте-групацијата и Шпаркасе, придобивките за корпоративните клиенти се видливи во повеќе аспекти, во делот на финансирање поголеми проекти од сопствени средства или од фондови за посебни програми за унапредување на конкурентноста на компаниите и нивниот развој за настап на европските пазари. Предностите што ќе ги искусат корпоративните клиенти ќе бидат и во поглед на платниот промет во земјата и со странство, преку кореспондентската банкарска мрежа на Ерсте-групацијата и Шпаркасе. Интегрираната Шпаркасе банка Македонија ќе има значајно учество и видливост на пазарот и преку понудата на широк спектар инвестициски услуги за тргување со хартии од вредност, осигурителни, лизинг и готовински услуги – најавуваат од банката.