На 20 ноември 1975 година, почина генералот Франциско Франко, апсолутен владетел на Шпанија од април 1939 година. Политички гледано, националистичката Шпанија сѐ уште покажуваше фашистичко однесување; Римски поздрав, култ на личноста околу Ел Каудилјо и политичка репресија. Но, економски, многу се разликуваше од земјата која Франко ја освои пред неколку децении – Тим Реутер

Високиот развој на модерната шпанска држава е резултат на реформите преземени од автократската влада на Франциско Франко која промовираше либерализација на економијата и поттикнуваше економски раст, во услови кога Шпанија не беше демократско општество и постоеше ограничувања на слободата. Тим Реутер истакнува дека економската слобода не секогаш води кон демократија. Во некои случаи, автократските влади ги користат економските пазари за да ја засилат својата моќ. Кина е таков хибрид на економска слобода и политички авторитаризам. Истиот автор, забележува дека пред трансформацијата на Кина постоеше „шпанското чудо“.

По завршувањето на граѓанската војна во Шпанија, 600.000 луѓе загинаа и илјадници беа затворени, инфраструктурата на државата беше уништена, а девизните резерви беа речиси на нула. Режимот на Франциско Франко ги национализираше железничките пруги, платите и цените беа фиксирани, политичките затвореници ја градеа инфраструктурата, а петте големи банки беа претворени во картел, нови банки не беа основани до 1962 година. Овие одлуки го забавиле економскиот раст и водеа кон хронична економска депресија. Франко верувал дека шпанското домашното производство е доволно и дека државата не треба да увезува ништо. Оваа економска политика водела кон осиромашување и изолирање на Шпанија, во период кога останатиот дел од западна Европа доживува развој.

Под влијание на оваа состојба, Франциско Франко ја реорганизираше својата влада во која влегле помлади и полиберални министри, кои ги презеле клучните министерства кон крајот на 1950-тите. Тим Реутер истакнува дека „економското чудо“ кое се случи помеѓу 1960 и 1975 година, во голема мера беше нивно дело. Новата влада во јуни 1959 година го објавила „економскиот стабилизациски план“, еден од најважните развојни планови помеѓу 1959-1975 година. Новата стратегија водела кон либерализација на економијата меѓутоа со концесии на државата. Собирањето на даноците стана поефикасно, а владата ги намали трошоците. Земјоделието се намали како сектор во економијата, а индустријализацијата силно се разви, во овој период државниот автомобилски производител СЕАТ го зголеми својот профит за 22 отсто годишно. Новите мерки, донесоа околу 8 милијарди долари директни странски инвестиции, зголемување на туризмот и 22 милиони посетители. Новата политика поттикнала петнаесетгодишен раст на економијата, од 12 до 76 милијарди долари. Овој економски раст бил надминат само од Јапонија.

Растот водеше кон зголемување на просечните приходи на работниците и поттик на домашната потрошувачка. За споредба, во 1946 година во Шпанија имаше 72.000 автомобили, а нивниот број во 1963 година се зголеми на 1.000.000 автомобили. Развојот водеше кон создавање на силна средна класа и голема урбанизација. До смртта на Франко во 1975 година, 25 отсто од населението се уште живееше од земјоделието, во споредба со 80 отсто пред спроведувањето на реформите и новите политики.

Леонардо Прадос Де Ла Ескосура истакнува дека во периодот помеѓу 1958-1974 година, БДП изнесуваше 6,9 отсто, а БДП според паритет на куповната моќ изнесуваше 5,9 отсто.

Според извештајот на Родни Х. Милс од 1965 година, новата политика го удвоила економскиот раст на Шпанија, кој просечно изнесувал 9 отсто секоја година. Од истиот извештај дознаваме дека официјалните резерви се зголемиле од 60 милиони долари на 1.500 милиони, а економската помошта од САД била прекината. Со цел да се обезбедат финансиски средства за развојната програма која започнала во 1964 година, шпанската влада се обратила на Светстката банка за заем.

Денес Шпанија е четиринаесетата најголема економија во светот и петта економија во Европската унија. Според „Светската книга на фактите“ на ЦИА, БДП според ПКМ во 2017 година изнесуваше 1.778 трилиони долари, а БДП според глава на жител изнесуваше 38.400 долари. Според „Индексот за економска слобода“ (2019), Шпанија е четвртата најголема економија во еврозоната.