Општините ќе можат да аплицираат за 6,5 милиони евра за инфраструктурни проекти преку Проектот за подобрување на општински услуги.

Јавниот повик ќе биде објавен во септември, а општините треба да подготват предлог-проекти со кои ќе аплицираат. 

Проектот за подобрување на општинските услуги го спроведува Министерството за финансии, а е поддржан од Светска банка со вкупен фонд од 81,1 милион евра и ИПА грант средства за рурален развој од ЕУ во износ од 14,6 милиони евра.

Целта е да се подобрат услугите коишто општините им ги даваат на граѓаните, како и капацитетите на општинската администрација за имплементирање на проектите. Ќе се финансираат проекти како изградба и реконструкција на системите за водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, локална патна инфраструктура, енергетска ефикасност, изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и слични проекти.

– Илјадници граѓани во Македонија добиваат подобри услуги од својата општина благодарение на овој проект. Годишно, тоа се десетици километри нови или реконструирани локални улици, изградена или реконструирана водоводна мрежа, реконструирани речни корита, градинки, културни домови, општински згради итн. Ова се реални проекти, со реални вредности за граѓаните, вели министерот за финансии Драган Тевдовски.

Преку овој проект на годишно ниво од јуни 2017 до јуни годинава реализирани се 72 капитални проекта во 41 општина, информира Министерството за финансии.