Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска пред членовите на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ја презентираше последната верзија на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, а со кој се регулира денот недела да биде ден за неделен одмор.

Како што посочуваат од ресорното министерство, последното предлог законско решение доаѓа после широка дебата во општеството: со синдикатите, со претставниците на коморите и работодавачите.

Шахпаска објасни дека во ова решение се сублимирани повеќето од забелешките што изминатиот период ги дале претставници и на работниците и на работодавачаите.

– Наша задача е да дојдеме до предлог-закон кој ќе биде прифатлив за сите страни што се дел од социјалниот дијалог. Сметам дека документот за кој дискутираме денеска овозможува најголемиот дел од работниците неделата да ја користат за одмор и за семејството. Секако дека работниците коишто работат во дејности во кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине, како ден за одмор може користат и друг ден од неделата. Начелно има согласност за носење на вакво законско решение и сите засегнати страни имаат позитивен пристап – нагласи министерката.

Таа изрази уверување дека преку конструктивна дебата со социјалните партнери ќе се дојде до најдоброто законско решение, со што, како што кажа, ќе се оствари суштинската цел недела да биде ден за одмор, односно ден за семејството.

Членовите на ЕСС денеска постигнале договор на следниот состанок, кој би требало да се одржи во наредните денови, да се решат уште неколку дилеми кои произлегле од денешната дискусија.