Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Различни проекции за средната плата во Македонија

Наспроти официјалната процена дека просечната плата во Македонија е 28.744 денари, пресметките на „Фајненс тинк“ покажале дека медијалната плата, односно средната плата во земјава се движи околу 20.000 денари и дава пореална слика за случувањата на пазарот на трудот каде што половина од вработените примаат помалку од тој износ и повеќето од нив се сконцентрирани на минималната плата, додека другата половина прима плати над тој износ

Компаниите од областа на компјутерско програмирање, фармацевтската индустрија, телекомуникациите, воздухопловниот транспорт, снабдување со електрична енергија и гас, консултантски услуги… имаат највисоки плати во Македонија. Тие се движат од 40 до над 70 илјади денари додека, според Државниот завод за статистика, просечната месечна плата по вработен, во јуни 2021 година, изнесувала 28.744 денари (467 евра), што е зголемување за 2.000 денари за една година. Но две третини од дејностите земаат пониска плата од просечната. Освен тоа, иако просечната плата во Македонија изминативе години забележа одреден раст, таа сѐ уште е најниска во регионот. Просечната плата во Хрватска е 957 евра, во Србија 553 евра, во Босна и Херцеговина 513 евра, во Словенија 1.256, во Црна Гора 530 евра.

Како се генерираат повисоки плати?

Колку е реална просечната плата во Македонија, дали професиите што земаат над 40 илјади денари ја билдаат просечната плата и кој е соодносот помеѓу платите и трошоците за живот, се прашањата на кои упатените нудат комплексни одговори.
Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, вообичаено е повеќето од вработените да добиваат плата пониска од просечната, бидејќи просекот го зголемуваат мал број дејности и мал процент од занимањата концентрирани кај професионалците и менаџерите.

– Кога велиме вообичаено, не сметаме дека тоа е оптимално, меѓутоа дистрибуцијата на платите речиси насекаде е таква, некаде во помала некаде во поголема мера. Според нашите пресметки, медијалната плата, односно средната плата во земјава се движи околу 20.000 денари и дава пореална слика за случувањата на пазарот на трудот, половина од вработените примаат под тој износ и повеќето од нив се сконцентрирани на минималната плата, додека другата половина прима плати над тој износ – објаснуваат од „Фајненс тинк“ за „Нова Македонија“.

Оттаму додаваат дека во однос на цените и платите, во услови кога цените растат со темпо што го сметаме за побрзо од ниска и прифатлива стапка на инфлација, порелевантно е да зборуваме за реален раст на платите.
– Првата половина од 2021 г., номиналниот раст на платите е 6,3 отсто и тој е солиден, но реалниот раст е 3,8 отсто, значи значително понизок. Во истиот период лани, номиналниот беше 7,9 отсто, а реалниот 7,3 отсто. Значи, гледаме дека имаме драстична разлика, затоа што во првата половина од годинава имаме одредени придвижување на цените, што услови платите да изгубат од својата реална вредност повеќе од тоа што губеле лани. Меѓутоа, во моментов порастот на цените го сметаме за привремен, бидејќи при првото поголемо релаксирање на мерките против пандемијата, настанаа значајни нерамнотежи на пазарите на повеќе добра и услуги, односно нагла побарувачка, која не беше пресретната со доволна понуда – анализираат од „Фајненс тинк“.

Долгорочно, платата зависи единствено од продуктивноста на работникот

Од институтот сметаат дека рамнотежата ќе се воспостави до крајот на годината или во почетокот на 2022 г., иако во меѓувреме гледаме нов бран од пандемијата, којшто повторно влијае врз побарувачката во одредени сегменти.
– Долгорочно, платата зависи единствено од продуктивноста на работникот, односно од сетот на вештини и знаења што тој ги поседува. Но на ниво на економиите, нивото на плати е одредено и од општата структура на економијата (на пример, како секторите ги комбинираат основните фактори на производство капиталот (вклучувајќи ја и технологијата) и трудот, како и од состојбата на пазарот на трудот. Онаму каде што има поголема невработеност, платите ќе растат побавно од пазари што имаат ниска невработеност – објаснуваат од институтот.
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организација за работодавачи на Македонија, вели дека зголемувањето на просечната плата во услови на пандемија е резултат на намалениот број работници од најслабите гранки, кои исплаќаат и најниски плати.
– Сите истражувања покажаа дека најранливи се нископлатените работни места и младите што немаат сѐ уште стекнато искуство. Ако работодавачот се одлучил за намалување на бројот на вработени, тој сигурно прво ќе ги отпушти вработените што имаат најнизок ефект, а со тоа и најмали плати и вработените што имаат најмал стаж и најмали стекнати практични знаења – смета Димитров.

Тој додава дека во услови кога заради намалување на негативните ефекти од корона кризата сите влади во светот уфрлија огромни пари за спас на економијата, многу познати економисти укажаа дека ова ќе предизвика инфлација.
– Порастот на цените, а со тоа и на трошоците на живот е резултат на сите тие субвенции и поддршка на населението, кои немаат реално покритие со производство и услуги, затоа ефектот од зголемената потрошувачка без покритие мора да биде инфлацијата. Сепак, сметам дека подобро негативниот ефект да биде инфлацијата, отколку намалениот број на вработени, а со тоа и пониско производство и помал стандард на населението – објаснува Димитров.
Според него, платите се резултат на продуктивноста остварена во производството и услугите.
– Државата може преку фискалната или монетарната политика, па дури и со закон да предизвика одредено покачување на платата, но ако тоа покачување не донесе зголемена продуктивност, поголемо производство и извоз, тогаш на долг рок пазарните законитости повторно ќе предизвикаат урамнотежување, преку намалена вработеност, намалена конкурентност на светските пазари, намалување на извозот или преку инфлација – посочува Димитров.

Развојот и продуктивноста веќе не се резултат на природните ресурси и богатства, туку на знаења и современи технологии

Тој нагласува дека порастот на платите мора да е поврзан со пораст на продуктивноста, но исто така и преку промена на индустриската структура и зголемување на дејностите со поголема додадена вредност.
– Развојот и продуктивноста денес, за разлика од минатото не се резултат на природните ресурси и богатства, туку резултат на знаење и современи технологии. Без да го подобриме нашето знаење и инвестиции во истражувања и наука, ние ќе останеме на овој степен на развој, со вакви непрофитабилни дејности и со ниски плати. И карактеристиката што богатите ни ја даваат како „земја со евтина работна сила“ не се менува со желби и апели туку со докази дека ние можеме да произведуваме софистицирани производи со високододадена вредност што ќе ни овозможи да исплаќаме повисоки плати – истакнува Димитров.

Дали работниците во Македонија се помалку продуктивни од работниците во други земји?

Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, просечната плата е генерално одраз на понудата и побарувачката и од страната на понудата, платата зависи од продуктивноста на трудот, која е детерминирана од образовната, старосната структура на работниците, како и од серија т.н. невидливи карактеристики, како способноста, иницијативноста и слично.
– Пониска плата во Македонија во споредба со други земји, од оваа перспектива, би значело дека нашите работници се помалку продуктивни од работниците во други земји. Гледано од страната на побарувачката, платата зависи од општата состојба на пазарот на трудот, односно ако има голем контингент невработени лица, тогаш платата нема брзо да расте, и обратно, нагорен притисок врз платите ќе се создаде кога нема да може лесно да се најде работник, особено добар работник – објаснува Петрески.
Како што вели Петрески, пазарите на трудот во Западен Балкан имаат многу сличности, меѓутоа конкретните услови во конкретен период може и значајно да се разликуваат, така што овој притисок може да е различен.
– Тука значајно мора да се одвојат Словенија и Хрватска, кои според нивото на развој, кое имплицира и повисока продуктивност на трудот, се веќе значајно над Македонија, и нивните пазари на трудот оперираат (особено Словенија) на т.н. природна стапка на невработеност, односно невработеност постои, но е ниска и доброволна. Значи, повисоката продуктивност на трудот таму, заедно со урамнотежениот пазар на трудот, детерминира многу повисока просечна плата споредено со Македонија – нагласува Петрески.
Според него, секој раст на платите што не е поддржан со раст на продуктивноста може да даде некаков резултат само на краток рок, а на долг рок пазарот ќе се урамнотежи таму каде што понудата и побарувачката ќе се сретнат.

Фото: Маја Јаневска-Илиева