Планираната локација во Мариово за изградба на хидроцентралата Чебрен Фото: Игор Бансколиев

Очекувањата се дека со изградбата на долгонајавуваната електроцентрала, за што првпат се нуди јавно-приватно партнерство, ќе се намали производството на струја од јаглен, а штом ќе почне да работи, во атмосферата годишно ќе бидат испуштани 913 илјади тони помалку јаглерод диоксид

Објавен е меѓународен јавен повик за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река по пат на јавно-приватно партнерство (ЈПП). Јавен партнер ќе биде ЕСМ, кое како влог ќе понуди изградба на пристапниот пат до електроцентралата, приклучокот на мрежата, односно трафостаницата и хидроцентралата „Тиквеш“. Додека, пак, од приватниот партнер се очекува да ги обезбеди предвидените 570 милиони евра за изградба на електроцентралата.

Според плановите, хидроцентралата „Чебрен“ треба да има инсталирана моќ од 333 мегавати и годишно производство од 1.000 гигават-часа електрична енергија. Тоа е колку една четвртина од постојното годишно производство на ЕСМ. Јавниот повик ќе биде отворен до 3 април, а дури седум реномирани странски компании пројавиле првичен интерес за да ја подигнат претквалификациската документација, која во оваа фаза е бесплатна.

За најдобар понудувач ќе биде избран оној што на ЕСМ ќе му понуди поголем удел во заедничката компанија. Тој ќе добие концесија од 60 години за да управува со новоизградената електроцентрала.
– Владата го трасира патот на енергетската транзиција со изградба на капацитети со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори. „Чебрен“ ќе биде од огромно значење за балансирање на енергетскиот систем на земјава и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регулираниот пазар – кажа премиерот Оливер Спасовски на вчерашната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека минатата година Владата, во соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), настојувала проектот за „Чебрен“ да се стави на мапата за значајни можности за инвестиции во енергетската инфраструктура во земјата и е изработена студија со која проектот е попрофитабилен од порано.
– Беа направени анкети за заинтересираноста на компаниите за реализација на проектот и е утврден нагласен интерес кај енергетските компании во Европа и пошироко – додаде Спасовски.

Наедно, тој потсети на објавените огласи за изградба на капацитети од обновливи извори, особено на фотоволтаични електроцентрали, на стратегијата за развој на енергетиката, на новиот закон за енергетска ефикасност, договорот за изградба на интерконективниот далновод со Албанија, огласот за изградба на дистрибутивната мрежа на гас…

– Претходно, енергетските компании инвестираа во жичници, фасади, рајски паркови, а цената на електричната енергија ја зголемија речиси за 100 проценти. Сега ЕСМ и МЕПСО инвестираат во енергетски проекти и обезбедуваат подобра и сигурна енергетска иднина – истакна Спасовски.

Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, оцени дека со објавувањето на јавниот повик се прави сериозен и издржан чекор за реализација на „Чебрен“, за кој, како што рече, е сигурен дека може да се спроведе и дека државата има политичка волја, но и стручна подготвеност да го спроведе тоа.
– „Чебрен“ ќе ни овозможи во иднина да го намалиме производството од јаглен и базната енергија постепено да ја супституираме со производство од оваа голема хидроцентрала. Кога ќе почне да работи, ефектот ќе биде 913 илјади тони годишно помалку јаглерод диоксид испуштен во атмосферата – рече Ковачевски.
Директорот на ЕСМ нагласи дека новата економска анализа со новите услови на пазарот што ја изработи ИФЦ покажала дека проектот е исплатлив, а испитувањето на пазарот потврдило дека сериозни компании од регионот и од Европа се заинтересирани за изградба на хидроцентралата.

– Оптимисти сме дека по многубројните неуспешни обиди во последните 15 години, оваа хидроцентрала конечно ќе се изгради. Очекуваме голем интерес и до крајот на годинава да се избере најдобриот понудувач за реализација на овој голем инфраструктурен енергетски проект – нагласи Ковачевски.
Неговиот оптимизам, како што посочи, се должи на сериозните испитувања, консултации и анализи направени во изминатите две години од страна на домашни и странски експерти и меѓународни институции, меѓу кои и ИФЦ.

– Со препораките на ИФЦ за начинот како да се спроведе оваа постапка го објавивме повикот по принципот на јавно-приватно партнерство. Со сериозна подготовка на овој и на кој било друг проект, ќе има успешност во постапката. Самиот интерес на неколку големи странски компании од областа на енергетиката во изминатите неколку дена, да ја подигнат документација, покажува дека има голема веројатност за негова успешност – рече Ковачевски.
Досега за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ беа објавени дури 13 јавни тендери, но ниту еден не беше успешен, а оваа година првпат се нуди јавно-приватно партнерство.