Фото: Игор Бансколиев

Владата има на располагање низа можни мерки што ги преземаат и другите земји, но ќе видиме што ќе одлучи, изјави претседателот на Здружението на челичната индустрија при СКМ, Митко Кочовски, откако Европската Унија ги воведе конечните заштитни мерки за увоз на челични производи

Целата челична индустрија, сите челични производи, цевки, профили, ладно и топловалани лимови, ќе бидат опфатени со одлуката за воведување конечни заштитни мерки за увоз во Европската Унија во следните три години. Поради ова, претставниците на оваа индустрија посочија дека очекуваат загубите да бидат големи и побараа каква било поддршка од Владата за да се намали ударот од европските мерки, откако земјава не успеа да издејствува да биде изземена од нив. Ова беше соопштено на вчерашната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија (СКМ).

– Владата има на располагање низа можни мерки што ги преземаат и другите земји, но ќе видиме што ќе одлучи. Ние доставивме барања и ќе видиме што ќе ни биде предложено. Ќе преговараме – изјави претседателот на Здружението на челичната индустрија при СКМ, Митко Кочовски.

Кочовски дополни дека компаниите од челичната индустрија немаат голем избор и дека се принудени да ги намалат своите производствени планови, бидејќи квотите се ограничени, а немаат други потенцијални пазари каде што би извезувале освен во ЕУ.

– Компаниите немаат алтернативни пазари за пласман на производите, освен Европската Унија и САД, кои го ограничија увозот на челични производи. Други големи пазари за овој тип производи нема – рече Кочовски.

Анализата на здружението покажала дека нема компанија од секторот што не е погодена од мерките.

– Само кај производителите на цевки ИГМ од Кавадарци, фабриката за цевки „11 Октомври“ од Куманово и „Металпромет“ од Струмица ќе има намалување на извозот од 180.000 на 110.000 тони, што ќе значи годишна загуба од 45 милиони евра, односно за три години 135 милиони евра помали приходи од 2018 година – објаснува Кочовски, додавајќи дека производителите на метални цевки поради истрошените квоти од привремените мерки кон крајот на минатата година веќе почнале со редуцирање на производството.

Освен со заштитните мерки на Европската Унија, производителите на метални цевки дополнително се оптоварени и со антидампинг-постапката за увозот на заварени цевки, цевки и шупливи профили од квадратен или правоаголен пресек од железо, која е во тек.

– За производителот за топловалани дебели лимови „Макстил“ е предвидена глобална квота, базирана на испораките во ЕУ во периодот 2015-2017 година, од која кога ќе се изземат определените максимуми за Украина, Јужна Кореја, Русија и Индија, останува количество од 1,2 милион тони за сите други земји. Тоа носи реално стравување дека нема да можат да бидат реализирани испораките за 2018 година поради малата годишна квота. Доколку испораките во 2019 година би биле сведени на околу 100.000 тони годишно, значително помалку од оваа година, намалените можности за пласман би значеле помали испораки на годишно ниво од 120.000 тони, или редуцирано четири и полмесечно производство – појаснува Кочовски.

Тој додава дека финансиските реперкусии само од нереализираната додадена вредност би биле 25 милиони евра или 78 милиони евра по полната продажна цена на лимовите.

– За производителот на ладновалани, пластифицирани и поцинкувани лимови „Арчелор Митал“ е предвидена национална квота за пластифицираните лимови и новина е што е предвидена глобална квота за ладноваланите лимови. Во сегментот на пластифицирани и поцинкувани лимови се очекува намалено производство за околу 11.000 тони за цело времетраење на мерките, вкупна изгубена продажба за овој сегмент е 24 милиони евра, со тоа што намаленото производство би влијаело на зголемување на фиксните трошоци по тон, а со тоа и на целокупната профитабилност и рентабилност на производството. Во сегментот на ладновалани лимови загубата би била 24 милиони евра – посочува Кочовски.

Тој додава дека овие ограничувања на увозот во ЕУ, во отсуство на други алтернативни решенија, создаваат сериозни проблеми во компаниите како нереализирани приходи, зголемени фиксни трошоци по единица производ, редуцирање на производството, отежнато договарање на комерцијалните аранжмани на подолг рок…

Иако состојбата е влошена, сепак, според Кочовски, компаниите засега не размислуваат да го намалат бројот на вработени. Сепак, како што дополни, покрај челичната индустрија, која ќе има директни загуби од мерките на ЕУ, состојбата ќе ја почувствуваат и секторите што се поврзани со нив, но и целокупната економија.

Кочовски рече и дека Владата и поединечно одделни министерства и премиерот лично како никогаш порано се обиделе да издејствуваат земјава да биде исклучена од мерките на Европската Унија, но европскиот оддел што ги воведува мерките не прифатил никакво исклучување.