Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФАО регистрира раст на цените на прехранбените производи и во септември, што, според домашните економисти, поради увозната зависност, значително ќе се одрази и врз македонските граѓани, кои најголемиот дел од приходите го издвојуваат за храна

ПАНДЕМИЈАТА СИ ГО ЗЕМА ДАНОКОТ НА РАЗНИ НАЧИНИ

Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска

Раст на цените на најбараните прехранбени производи бележи Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) и во своите извештаи за септември. Индексот на цените на храната што го изработува ФАО за септември забележал раст на цените од 2,1 отсто во споредба со август годинава и 5 проценти во споредба со истиот месец во 2019 година. Слични тенденции веќе може да се забележат и во Македонија, при што граѓаните и сами посочуваат дека го чувствуваат на свој грб поскапувањето.
Податоците на Државниот завод за статистика од месечниот статистички извештај покажуваат дека во периодот од први до осми месец во 2020 година во споредба со истиот период минатата година има раст на цените на индустриско-прехранбените производи за 3,1 отсто. Токму во оваа група спаѓаат производите од жито, преработките од месо, но и од зеленчук и овошје, како и млечните продукти.
– Пораст на индексите на трошоците на животот во септември 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови, за 4,7 отсто, месото за 1,1 процент, виното за 1 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,7 проценти, маслото и маснотиите за 0,6 отсто, лебот и житата за 0,4 проценти… Индексот на трошоците на животот во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, бележи зголемување од 1,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 1 процент – наведува ДЗС во своите редовни извештаи.

Најдраматичен удар ќе претрпат најсиромашните

Поради растот на цените на храната домашните економисти укажуваат дека македонските граѓани дополнително ќе осиромашат.
– Бидејќи се работи за храна, сиромашните слоеви од населението најголем дел од расходите даваат за храна, најчесто и немаат средства за другите потреби. Поради овој факт, најдраматичниот удар и последица ќе бидат кај најсиромашните, бидејќи она што им е неопходно и она за што единствено одвојуваат средства им поскапува. Во економските теории општопознат факт е дека кај сиромашните држави најголем дел од средствата оди за храна. Така се мери и животниот стандард на граѓаните, колку повисоко учеството на храната во вкупните трошоци толку посиромашна држава, а Македонија важи за сиромашна земја, со висок процент на исхраната во вкупните животни трошоци.
Сега треба Владата во пакет-мерките предност да им даде на сиромашните слоеви на населението. Клучно е да се поддржат сиромашните граѓани, но и процесот на образование мора да е во приоритетите на Владата, бидејќи изгубени години во образованието ќе се одразат врз државата по неколку години – вели поранешниот министер за финансии Џевдат Хајредини.
Тој додава дека во насока на намалување на трошоците за исхрана на граѓаните државата треба да поттикнува домашно производство на храна, односно со поддршка да цели на домашните производители на храна за тие да покриваат поголем дел од домашните потреби.

Големи ценовни осцилации поради нарушениот пазар

Според претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, цените на земјоделските производи секогаш во светот осцилираат во зависност од производството, дали е зголемено или намалено, дали се влошени условите и дали се очекува на други простори производството да се намали.
– Пандемијата во која се најдовме ние, но и светот, многу влијае на трговијата, а со тоа и на формирањето на цените на еден производ. Бидејќи Македонија е зависна од увоз, можеме да очекуваме поскапување на основните производи. Во државава пченицата се произведува колку за наши потреби, дури и се намалува поради нестабилноста на високата цена на производните трошоци, додека сончогледот и маслото од сончоглед се дефицитарни многу одамна. Ние имаме наш капацитет „Благој Ѓорев“ во Велес, за обработка на масло од сончоглед, но поради недостиг од суровини, работи со мал капацитет, претежно повеќе работи за рафинирање на маслото – објаснува Станковски.
Тој вели дека се увезува сурово масло, кое се рафинира во готов производ и тогаш се пласира на пазарот, додавајќи дека во овие услови, кои значат нарушување на пазарот, големи осцилации значат покачување на цените и плаќање на многу повисоки и финансиски средства за истото потребно количество на производ во Македонија.
– Исто така и со шеќерот сме целосно зависни од увоз, порано битолската шеќерана произведуваше и за наши потреби, но и за извоз. Во криза како денешната доволно е да се наруши транспортот и да се блокира Солунското пристаниште и ние остануваме и без основниот производ, па макар и поскап – истакна претседателот на „Агрофаланга“.

Наглото зголемување на светското население резултира со поголема побарувачка

Според него, тие осцилации се очекувани, но има и еден дополнителен фактор на поголема побарувачка.
– Населението на планетава се зголемува многу брзо, малите економии драстично ја зголемуваат побарувачката и трошат поголеми количества. На пример, потребата за житарките рапидно се зголемува и поради тоа цените растат. Русија почнува да предничи со производство на житарки, рекордни производства постигнува од времето на феудална Русија, таа е најголем извозник на пченица и има договори со разни држави, сето тоа влијае на високата цена на пченицата – додава Станковски.
Тој вели дека најдобро решение и најстабилна цена би имале кога ние сами би произведувале количества што се за наши потреби и кои би ги финансирале. Во спротивно може да очекуваме ова да претставува нова закана за и онака нискиот стандард на граѓаните.

Најголем раст на цените на житните култури

Инаку, најголем подем на цените ФАО регистрирал кај житните култури.
– Индексот на цените на житните производи на ФАО порасна за 5,1 отсто во однос на август и сега е за 13,6 отсто повисок од пред една година. Повисоките квоти на цената на пченицата го предводеа зголемувањето, поттикнато од брзата трговска активност во услови на загриженост во врска со изгледите за производство на јужната хемисфера, како и сувите услови што влијаат на сеидбите на зимската пченица низ Европа. Цените на пченката исто така се зголемија, реагирајќи на пониските изгледи за производство во Европската Унија и надолната ревизија на резервите за транспорт во Соединетите Американски Држави. Меѓународните цени на јачменот исто така се зголемија, додека на оризот стивнаа – се посочува во извештајот на ФАО.
ФАО на месечно ниво ги следи меѓународните цени на најчесто тргуваните производи за исхрана, при што регистрирале раст на индексот на цените на зеленчукот за 6 проценти во септември, достигнувајќи го највисокото ниво во период од осум месеци. Тие регистрираат и раст на цените на маслата од палма, сончоглед и соја. Кај цените на месото ФАО бележи пад од 0,9 отсто, додека пак кај млечните производи цените се речиси непроменети.