Фото: Игор Бансколиев

Додека во извештајот на Агенцијата за катастар на недвижности се бележи мал пад на цените, инволвираните во бизнисот посочуваат дека во секојдневното работење не се чувствува намалување на цените и дека станува збор за вообичаени осцилации

Мал пад на цените бележи регистарот на цени на недвижности што го изработува Агенцијата за катастар на недвижности, според кој, во моментов, најскапите станови се продаваат во скопската населба Карпош и достигнуваат цена од неполни илјада евра. Сепак, инволвираните во бизнисот со недвижности посочуваат дека во секојдневното работење не се чувствува намалување на цените и дека станува збор за вообичаени осцилации при купопродажба на имоти.

– Според последниот извештај од катастарот за недвижности, забележан е пад на цената на станбениот простор на квартално ниво за периодот од 1.7.2019 година до 30.9.2019 споредбено со претходниот квартал. Сметам дека не станува збор за голем пад на цените на недвижностите туку за минимални осцилации во согласност со моменталната состојба на пазарот во однос на понудата и побарувачката, кои се карактеристични за наведениот период. Цените на становите во Скопје, во зависност од локацијата, се движат од 600 до 1.300 евра за квадратен метар. Најниските цени се во реоните на населбите Бутел, Чаир, Радишани, Драчево и Даме Груев, додека највисоките цени се, секако, во центарот на градот, како и на Водно, во Капиштец и во дел од Тафталиџе – истакна Игор Панчевски, генерален менаџер на агенцијата за недвижности „Левел 7“.

Во извештајот на Агенцијата за катастар на недвижности е посочено дека во третиот квартал од 2019 година во Македонија се регистрирани 4.022 продажби, од кои 3.245 се стари недвижности, а 674 се новоградби, односно прва продажба.

– Доколку се направи споредба на продажбата на новоградбите во овој квартал со третиот квартал од 2018 година, каде што се регистрирани 792 продажби на недвижности од страна на инвеститор, тогаш се забележува пад во третиот квартал од 2019 година, за 118 продадени новоизградени станови – се наведува во извештајот.
Меѓу другото, се посочува и дека во периодот јули – септември 2019 година на целата територија се продадени 674 новоизградени станови, што е за 195 стана повеќе од вториот квартал во 2019 година.

Доколку се разгледа продажбата на недвижностите, може да се забележи дека најголемиот број продажби припаѓаат на продажба на станови, односно 41 отсто. Што се однесува до земјоделското земјиште, во вториот квартал од 2019 година тоа опфаќа 35 проценти од вкупниот број продажби.

Упатените во проблематиката исто така укажуваат дека има разлика меѓу цените на новоизградените станови и кај оние што веќе се користат или кај постарите станови.
– Секако дека постои разлика во цената на станбениот простор помеѓу новите и постарите, веќе користени станови. Освен локацијата, и функционалноста на просторот односно неговата употребливост е секогаш приоритетна за купувачите при изборот и купување стан. Доколку станот е користен, за да биде функционален за новите сопственици во најголема мера и најчесто има потреба од делумно или целосно реновирање, кое е дополнителен трошок што ја зголемува цената по квадратен метар. Понудата на пазарот и поголемиот број нови станови значи и продажба на постари станови по пониска цена за квадратен метар – истакнува Панчевски.


Становите во скопски Карпош најбарани

Анализата изработена од Агенцијата за катастар на недвижности покажува дека најголем број станови се продадени во општината Карпош, при што во третиот квартал од минатата година се продадени 239 стана. Најголем број продадени куќи има на територијата на општината Битола, при што во споменатиот период се продадени 30 куќи. Што се однесува до продажбата на деловниот простор, најмногу продажби се забележани на територијата на општината Центар, каде што се продадени 23 деловни простори. Најмногу недвижности од типот на земјоделското земјиште се продадени во општините Струга и Кочани, со по 48 продажби, додека најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општината Кичево со 27 продажби.


Непродадени над шест илјади нови станови

Статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со септември годинава утврдила дека на целата територија на државата има 6.368 стана што се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности.
– За разлика од минатиот квартал, во овој квартал има зголемување на непродадените станови за 615 стана. Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности се издадени 11.950 листа за предбележување градба што укажува дека и овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови – стои во извештајот на агенцијата.
Според директорот на агенцијата за недвижности „Левел 7“, Игор Панчевски, на пазарот не се чувствува дека има толку голем број станови за продажба.
– Реалната состојба на пазарот е дека нема толку голема понуда, бидејќи кај новоградбите потешко се наоѓаат слободни станови за продажба. Нашите тековни активности укажуваат дека нема застој на пазарот и дека сѐ уште има побарувачка за купување станови – додава Панчевски.


Просечни цени на станови

Просечна цена по квадратен метар станбен простор во денари

Општина Цена
Карпош 60.398
Центар 59.855
Аеродром 50.739
Кисела Вода 48.515
Гази Баба 45.001
Ѓорче Петров 41.202
Битола 33.897
Струга 32.214
Струмица 31.502
Кочани 30.080
Охрид 46.571
Куманово 28.730
Штип 26.780

Извор: Регистар на цени и закупнини – Агенција за катастар