Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дополнителната акцизата за горива во висина од три денари е антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата истата таа ќе се намали или целосно ќе се укине. Висината на акцизата е условена од цената на нафтата на светските берзи, објаснуваат надлежните

Цените на горивата во Македонија повторно се движат во нагорна линија, а очекувањата се дека повторно ќе одат нагоре, во согласност со светските трендови. Горивата се еден од значајните сегменти, кои значително влијаат врз крајните цени на производите, бидејќи транспортот има значајна улога. Од почетокот на пандемијата и воведувањето на рестриктивните мерки за нејзиното сузбивање многу економски активности беа прекинати, поради што се намали и потрошувачката на горивата. Тоа предизвика значителен пад на цените на нафтените деривати на светските берзи, но и кај нас. Намалувањето на бензините беше причина надлежните да воведат дополнителна акциза што треба да го полни буџетот во овие турбулентни периоди наметнати од здравствената криза, која се подлабоко удира врз економијата.

– Ова е привремено и условено зголемување на акцизата за горива во земјава за три денари за време на вонредната состојба и седум месеци потоа. Тоа е антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата, акцизата ќе се намали или ќе се врати на претходното ниво. Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берзи. Односно ќе се наплаќаат дополнително три денари, два денара или нула денари во согласност со движењата на цената на нафтата на странските берзи. Во согласност со уредбата, во случај цената на нафтата да е под 400 долари по тон, средна берзанска цена на котација, ќе се пресметуваат дополнителни три денари на постојната акциза. Ако цената е од 400 до 600 долари за тон, ќе се пресметуваат два денара покачување на акцизата. Ако, пак, цената се врати на нивото од над 600 долари за тон, како што беше на почеток на годината, тогаш нема да се пресметува покачување на акцизата, односно ќе биде нула денари. Со оглед на тоа дека станува збор за привремено покачување, кое е условено од цената на нафтата на светските берзи, ова нема да има ценовни импликации. Од почетокот на годината малопродажната цена беше намалена за близу 20 денари.

Исто така, треба да се земе предвид привремениот карактер и условеноста на акцизата од цената на нафтата на светските берзи. Односно ако таа се зголемува, акцизата ќе се намалува – објаснуваат претставниците на Владата.
Оттаму додаваат дека главната цел на оваа мерка е намалување на ефектите на пандемијата врз буџетот, поточно намалување на влијанието од намалената потрошувачка на нафта и од намалувањето на цената на истата таа.
– Во 2019 година, во буџетот на Северна Македонија биле наплатени 240 милиони евра по основа на акциза од дизел, безоловен бензин и екстра лесно гориво. Според проектираните сценарија, по почетокот на кризата, на годишно ниво падот на приходот по основа на акциза од овие нафтени деривати, при значително намалено ниво на потрошувачка, би изнесувал 12 отсто споредено со 2019 година или околу 30 милиони евра со основната цена на акцизата. Со условното зголемување на акцизите за три денари, би се надоместил овој пад и би се постигнало истото ниво од 2019 година, во услови ако ниските цени на нафтените деривати се задржат до крајот на годината. Колкав дел би се надоместил, секако, зависи од движењето на цените – посочуваат од Владата.

Вчера Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Македонија донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 1,53 отсто во однос на претходните малопродажни цени.
– Цените на бензинот еуросупер бс – 98 и на екстра лесното масло за домаќинство се зголемуваат за 0,50 денари за литар и со тоа малопродажната цена на еуросупер бс – 98 ќе изнесува 63,50 денари за литар, а екстра лесното масло ќе изнесува 53 денари. Малопродажните цени на еуросупер бс – 95 и еуродизел се зголемуваат за еден денар за литар и цена на еуросупер бс – 95 ќе изнесува 61,50 денари за литар, а малопродажната цена на еуродизел 53,50 денари – се наведува во соопштението на Регулаторната комисија за енергетика.

Од РКЕ објаснуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на сите нафтените деривати на светскиот пазар бележат зголемување, и тоа кај бензинот 3,81отсто, кај дизелот 3,84 проценти, кај екстра лесното масло 3,33 отсто и кај мазутот 4,37 проценти.