Усогласувањето на пензиите со трошоците за живот двапати годишно обезбедува постојан пораст, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

– За да не мора да ја поместуваме старосната граница за пензионирање на 67 години и за да не ги замрзнуваме пензиите, избравме средна варијанта, која значи пораст во континуитет дури и дополнително зголемување од четири отсто доколку расте економијата – вели Царовска.

Таа додава дека сите мерки што како министерство и како влада ги креирале се однесуваат на праведност и дека никому не му е скратено ништо.

– Пензиите во континуитет, стабилно и навреме се исплаќаат, па дури и порано од претходниот период, но сега се усогласуваат во новото законско решение 100 проценти со трошоците за живот двапати годишно. Она што е главно во законското решение, кое треба да го имаме предвид, е дека ако БДП биде над четири проценти ќе има дополнително усогласување во април следната година – наведе Царовска. За порастот на пензиите таа упати на статистичките податоци, според кои, во 2016 година просечната пензија изнесувала 13.754 денари, а минатата година 14.421 денар. Како што вели Царовска, Владата го прави тоа што го најавила во програмата.

– Оние што денес критикуваат дозволија усогласувањето да се забрани со закон. Тие секоја година носеа законско решение во кое велат дека усогласување не постои, имаме паушално зголемување, годишно или пред избори кога им беше потребно – вели Царовска.