Фото: Дарко Андоновски

Годинава сите царински декларации и акцизни документи ќе се обработуваат електронски, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски при вчерашната посетата на Царинската управа.

Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе се применува на 11 пилот-проекти за царински претставништва, а од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински претставништва во земјава.
– На овој начин значително се скратуваат трошоците и се намалува времето на чекање за фирмите. Сите документи ќе се поднесуваат електронски. Наша цел е да се автоматизираат процесите и со тоа да им се понудат подобри услуги и на граѓаните и на компаниите – нагласи министерот за финансии.

Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе овозможи и размена на податоците со другите институции, како на пример, со Управата за јавни приходи при поднесување на ДДВ-пријави кон кои се приложуваат царински декларации или со Заводот за статистика и со Народната банка за податоци за увоз и извоз.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски, посочи дека во првата половина од годинава ќе биде пуштен и нов терминал на граничниот премин Ќафасан. Тој додаде дека проширувањето на царинскиот премин Ќафасан опфаќа нов увозно-извозен царински терминал од 9,5 илјади квадратни метри, пристапни патишта, објекти за царинење и за други инспекциски органи, како и реконструкција на постојните објекти.

– Општата цел на проектот e олеснување на прекуграничните постапки и спроведување на законите, што ќе се постигне со реконструкција на објектите за царинење и инспекција, подобрување на услугите за економските оператори и побрз проток на стоката, како и зајакната заштита на државата и на општеството – рече Танаскоски.

Минатата година, како што истакна директорот, беше пуштен во употреба новиот царински терминал на граничниот премин Табановце. Надградбата на терминалот овозможува олеснување на прекуграничната трговија по должината на Коридорот 10 и спроведување на царинските постапки во модерни капацитети.

Во доменот за примена на концептот овластен економски оператор, беше посочено дека идните активности на Царинската управа ќе тежнеат кон зголемување на бројот на издадени одобренија преку натамошна промоција на концептот, советување на компаниите и помош при соочувањето со новините од овој концепт, соопшти Министерството за финансии.