Двете водечки автомобилски здруженија во САД ја предупредија владата на претседателот Доналд Трамп дека наметнувањето на 25 отстотни царини на увезените возила ќе предизвика укинување на стотици илјади работни места во автомобилската индустрија, додека цените на возилата значително би пораснале.

Коалицијата составена од главните странски производители на автомобили, вклучувајќи ги Тојота Мотор, Фолксваген, БМВ и Хјундаи Мотор, порача дека царините ќе наштетат на производителите на автомобили и на американските потрошувачи.

Владата на Трамп во мај покрена истрага за тоа дали увезените возила се закана по националната безбедност, а претседателот Трамп се закани со воведување на царини.

– Најголема закана за американската автомобилска индустрија во овој момент е можноста администрацијата да наметне царини на увоз во врска со оваа истрага. Таквите царини би ги зголемиле цените за американските потрошувачи, би им го ограничиле изборот и би ја сузбиле продажбата и американското производство на автомобили – соопшти Здружението на глобални производители на автомобили.

Здружението додаде дека „наместо создавање на работни места, овие царини би резултирале со загуба на стотици илјади американски работни места во производството и продажбата на автомобили, СУВ возила, камиони и автомобилски делови“.

Трамп во петокот се закани со воведување на 20 отстотна царина на сите увезени автомобили произведени во ЕУ, додека во вторникот порача дека царините следат наскоро.

Сојузот на производители на автомобили, што ги вклучува Генерал моторс, Форд Мотор, Дајмлер, Тојота и други, ја повика владата преку посебно соопштение во средата да не продолжува натаму со тој процес.

Сојузот соопшти дека анализата на податоците за продажбата на автомобили од 2017 година покажала дека наметнувањето на царина во висина од 25 отсто на увозните возила ќе резултира со просечен пораст на цените од 5.800 долари, што би ги зголемило трошоците на американските потрошувачи за речиси 45 милијарди долари годишно.

Производителите на автомобили, исто така, се загрижени дека царините ќе подразбираат помалку капитал за инвестиции во електрични и автономни возила.

Обете автомобилски здруженија ја наведуваат и студијата на Институтот Петерсон за меѓународна економија, според која воведувањето на увозни царини ќе ги чини САД 195.000 работни места, а таа бројка би можела да се зголеми и на 624.000 во случај останатите земји да одлучат да возвратат со иста мерка.