Царинската управа на Република Македонија го прифати новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД) кој ќе ја замени досегашната АСИКУДА, истиот беше подготвуван во изминатите пет години и претставува почеток на дигиталната ера на Царинската управа.

– Новиот систем има за цел да ги замени царинските постапки што се базираат на хартија со електронски постапки. На тој начин ќе се создаде поефикасна и модерна царинска околина во согласност со глобалниот развој. Со него треба да се поврзат сите постоечки дигитални системи во една интегрална целина и воведување електронска царинска декларација за сите царински постапки во увозот и извозот, како и електронско поднесување и обработка на акцизни документи. Исто така, со овој систем ќе обезбедиме намалени трошоци за трговските трансакции, олеснето спроведување на договорите за слободна трговија, подобро управување и контрола – информираат од Царинската управа.

Новиот систем, како што истакнуваат, претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, правејќи го животот полесен за учесниците во царинската и надворешно-трговската постапка, за другите гранични агенции што се присутни на граница, како и за царинските службеници.

Примената на Новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе започне во првиот квартал од 2019 година преку Пилот царински испостави, а негово целосно ставање во функција се очекува во средината на 2019 година.

Од Царината оценуваат дека ова меѓу другото ќе резултира и во поуспешна наплата на приходи, порационално искористување на ресурсите и поефикасна меѓународна трговска размена во која трговците електронски ќе разменуваат информации со Царината и останатите агенции учесници во царинската постапка.