Фото: Игор Бансколиев

Кај хотелиерите не постои визија како би се развивал натаму туризмот доколку бидат укинати субвенциите. Нивниот опстанок е сериозно зависен од државната поддршка на туроператорите што носат странски гости

Следејќи ги трендовите на пораст на бројот на туристи и на ноќевања во Македонија, кои годинава во согласност со статистичката евиденција ќе достигнат над еден милион туристи со околу три милиони ноќевања, а во отсуство на стратегија за туризам на Македонија, бизнис-секторот констатира дека ваквите позитивни текови треба да бидат основа за дефинирање сериозна платформа што ќе го креира развојот на секторот туризам и угостителство.

Во периодот јануари – септември 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 13,6 проценти, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 14,1 отсто, а кај странските има зголемување за 13,3 проценти. Во периодот јануари – септември 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 15,2 проценти, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 14,3, а кај странските има зголемување за 16,4 отсто.

– Анализирано по земји, Турција останува земјата со најголем број туристи што ја посетиле Македонија. Следуваат Србија, Бугарија, Грција, Холандија. Од аспект на реализирани ноќевања, најмногубројни се повторно турските туристи, потоа холандските, а меѓу петте земји од каде што туристите реализирале најмногу ноќевања се и Полска, Србија, Бугарија и Грција – кажа Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија на вчерашната прес-конференција.
Од комората посочија дека девизниот приход од туризмот е во континуиран пораст. Во 2017 година, споредено со 2010 година, кога започна процесот на субвенционирање на странските туристи, девизниот приход има остварено пораст од 65,23 проценти и изнесува 326,9 милиони американски долари во 2017 година.

– Во првите девет месеци од 2018 година се евидентирани 196 милиони американски долари девизен приход од туризмот, што е 26,6 проценти поголем девизен приход од истиот период минатата година, кога приливот изнесувал 155 милиони американски долари. Учеството на туризмот во бруто-домашниот производ изнесува 1,8 отсто. Некои анализи упатуваат на заклучок дека вкупно учество на туризмот во БДП е со 5,1 отсто, од кои 1,8 процент директно и 2,9 отсто индиректно учество – додаде Михајловска-Василевска.

Таа истакна дека за долгорочен развој на туризмот како сериозен чинител во домашната економија постојат серија прашања на кои треба да се работи во следниот период.

Од комората посочија дека меѓу угостителските објекти за исхрана и хотелите била направена анкета за да се добие одговор за потребата од вработени во секторот, дали се имплементираат стандардите во рестораните и хотелите и колку државната поддршка овозможува развој на угостителството и туризмот.

– Над 90 проценти од анкетираните ресторани и хотели одговорија дека имаат голем проблем со квалификувана работна сила, стандардите се имплементираат во согласност со законските, но и пазарните услови, а државната поддршка и натаму е потребна за стимулирање поголем број странски гости – вели Горан Дамчевски, заменик-претседател на Здружението на угостителството и туризмот во рамките на комората.

Дамчевски информира дека во одговорите на хотелиерите се препознава дека не постои визија како би се развивал натаму туризмот доколку бидат укинати субвенциите, односно нивниот опстанок е сериозно зависен од државната поддршка на туроператорите што носат странски гости.

Македонија нема стратегија за туризам, има финална верзија на предлог-стратегија, која веќе три години е во фаза на доработка. Како што посочуваат од комората, и во овој документ е констатирано дека туризмот во Македонија се соочува со повеќе проблеми, како што се класификација на хотелите, туристички ознаки, субвенции за туроператорите, субвенции за авиопревозниците, визна политика или генерална инфраструктура.

– Се посочува дека е потребно да се подобри општата инфраструктура, што подразбира, освен инфраструктура во патишта, струја, отпадни води, канализации и слично, да се дефинираат идни тела одговорни за развој на туризмот на национално ниво, бидејќи оваа дејност е меѓусекторска тема, како и тело за координација на сите активности поврзани со туризмот, заради избегнување паралелни активности. А се посочува и дека се потребни и посебни стратегии за образовниот систем во дејноста и за поттикнување на свеста на локалното население – додаде Дамчевски.

Тој исто така посочи дека официјално, според регистарот на хотели и ресторани, во земјава има 60 ресторани и 145 хотели. Сепак, Дамчевски дополни дека „ако ги погледнете имениците и списанијата за понудата, ќе видите дека бројот е драстично поголем“. Поради ова, тој исто така истакна дека е важно сузбивањето и на сивата економија во овој сектор.