Франција од следната година ќе ги оданочува дигиталните компании дури и ако земјите од Европската унија(ЕУ) не постигнат договор за воведување на таков данок на ниво на Унијата, изјави денеска министерот за финансии Бруно Ле Мер.

Министрите за финансии на ЕУ во вторникот не успеаја да се договорат за оданочување на дигиталните приходи без оглед што Франција и Германија пред почетокот на состанокот објавија нов предлог со кој даночниот фокус би се насочил кон компаниите како Гугл и Фејсбук.

Неуспехот на овој состанок во Брисел беше удар за францускиот претседател Емануел Макрон, чија влада во данокот инвестираше значителен политички капитал, напомнува Ројтерс.

Воедно временски се поклопи со бранот протести во Франција против високите трошоци на живот и економските политики кои според мислењето на демонстрантите, ги фаворизираат големите компании и богатите граѓани, изоставајќи ги сиромашните слоеви на населението.