Францускиот претседател, Емануел Макрон, најави дека нема да го прифати предлогот на Европската комисија за намалување на буџетот за заедничката земјоделска политика.

-Ова што го предложи Европската Комисија е неприфатливо и нема да биде прифатено. Неприфатливо затоа што со тоа на некој начин им се вели на земјоделците во Европа дека цената за Брегзит ќе ја платите само вие – изјави Макрон.

ЕК на почетокот на мај предложи намалување од пет отсто на буџетот за заедничката земјоделска политика за финанскиот период 2021-2027, односно 365 милијарди евра. Кратењето на овој буџет се должи делумно на напуштањето на Велика Британија на ЕУ, како и за потребата од модернизација на земјоделската политика.

На претстојниот самит на ЕУ земјите членки треба да дебатираат, меѓу другите теми, и за таа наредна осумгодишна финансиска рамка на Унијата.

Макрон вчера успеа да добие компромис од Ангела Меркел за креирање на буџет за Еврозоната, нешто на што Германија долго се противеше.