Карикатура: „Нова Македонија“

Креаторите на економските политики ќе бидат пред сериозен предизвик

Во денешното променливо и динамично опкружување, еднаш избран режим на денарскиот курс во однос на еврото не подразбира негова перманентност. Изборот на соодветен режим на курсот за една земја зависи од специфичните околности и карактеристики на земјата, како и од условите во даден временски период. Дали Македонија и понатаму треба да одржува режим на фиксен курс или е кандидат за промена на режимот? Досегашните ефекти од фиксирањето на курсот на денарот во однос на еврото укажуваа на ефективност на постојниот режим и на монетарната стратегија на целење на девизниот курс. Меѓутоа, економистите ја потврдуваат потребата за промена на монетарната стратегија, откако таа ги постигна целите за кои е воведена и образложуваат зошто

Состојбите во земјава укажуваат дека се неопходни економски политики, кои ќе продуцираат отворање нови работни места, односно што ќе создадат плодна почва за ширење и рапиден раст на економијата. Што велат бизнис-заедницата и државните институции на прашањето во која мера, за подобрувањето на економските показатели, би помогнала промената на фиксниот курс на денарот во флуктуирачки. И колку ќе доведе тоа до зголемена конкурентност на извозно ориентираните компании?

Нема знак за равенство меѓу фиксен и стабилен курс, а флуктуирачкиот влијае за развојно стопанство

– Прашањето за избор на режим на девизен курс со децении предизвикува интерес кај економските субјекти. Се разбира, најкомпетентна институција во една земја за тоа прашање е централната банка, која континуирано ја следи динамиката на движење на ефективниот девизен курс на денарот. Досега не сме имале можност да видиме истражување од нивна страна дека ценовната конкурентност на македонската економија е сериозно нарушена заради нивото на девизниот курс на денарот и девизниот режим во кој тој функционира. Ако имаше таква појава, веројатно и централната банка ќе преземеше соодветни чекори – велат од Стопанската комора на Македонија.

Но прашањето не е воопшто за „сериозно нарушување на ценовната конкурентност“ со таквиот курс на денарот, туку напротив за еден замаец на развојната компонента на економијата, врзана за курсот на денарот и катализацијата на НБРМ.
Од СКМ потсетуваат на дел од фактите поврзани со историјата на македонската монетарна стратегија. Истакнуваат дека монетарната стратегија на целење на номиналниот девизен курс на денарот спрема еврото, режим на де факто фиксен курс на денарот кон еврото, воведен пред децении, го стабилизира девизниот курс на денарот кон еврото.

– Како последица на тоа се стабилизира и домашната инфлација, која претходно беше и трицифрена. Се отстранија сериозни генератори на непредвидливост во економскиот амбиент. Уште поважно, ефектите не беа еднократни или краткотрајни, туку доведоа до потиснување на инфлаторните очекувања. На тој начин, стана возможно инфлацијата да се одржува на ниско, стабилно и предвидливо ниво и тоа со децении. Со тоа, стана полесно да се планираат идните економски активности и да се носат одлуки за нови инвестиции. Се разбира, стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност не носат по автоматизам висок економски раст, но придонесуваат за економски амбиент во кој е можно да се направи тоа и да биде одржливо на подолг рок – објаснуваат од комората.
Со тоа повторно се отвора дилемата, а имено ако мисијата на таквиот фиксен курс завршила со стабилизирање на инфлацијата, значи ли тоа дека сѐ подолго време сега се занемарува развојната компонента со нов монетарен концепт, а стопанството и економијата доживува статус кво, па дури и стагнација?

Флуктуирачкиот курс на денарот во пакет со други двигатели на економскиот раст дава резултати

За импликациите од премин од де факто фиксен кон флуктуирачки режим на девизен курс на денарот, од СКМ сметаат дека корпусот на прашањeто за економскиот раст во релација со режимот на девизниот курс е навистина комплексен. Но нагласуваат дека тоа ќе ја динамизира и ќе ја направи флексибилна работата на Народната банка.
– Флуктуирачки курс и висок сензибилитет на економските субјекти за какви било поместувања кај девизниот курс на денарот, каква било „нервоза“ на девизниот пазар ќе бара интервенција од страна на народна банка. Таа интервенција може да биде преку продажба на девизи на девизниот пазар, но и преку зголемување на референтната каматна стапка – истакнуваат од Стопанската комора.
Оттаму истакнуваат дека исто така треба да се има предвид актуелната состојба на огромен трговски дефицит, односно во услови кога е висок процентот на увозната компонента, таквите нешта ги неутрализираат ефектите од депресијацијата на денарот.

Но од Стопанската комора режим на девизниот курс на денарот, во пакет треба да се анализираат и низа други двигатели на економскиот раст.
– Најважно е земјата да има долгорочна визија за која постои општ консензус, економски политики што го имаат потребниот квалитет, политичко лидерство со храброст и упорност да ги имплементира тие политики и да реализира структурни реформи, и бизнис-сектор што во континуитет ќе работи на зголемување на сопствената конкурентност преку инвестиции во кадри, во нови технологии итн. Клучно е економијата со широка палета реформи да се реструктурира однатре. Така, стекнатата конкурентност ќе го забрза економскиот раст, но истовремено ќе го направи тој раст и долгорочно одржлив – истакнуваат од СКМ.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изборот на монетарната стратегија зависи од структурните карактеристики на економијата

Претставниците на Народната банка посочуваат дека изборот на монетарната стратегија зависи од структурните карактеристики на економијата, кои не се менуваат брзо, а некои од нив и не можат да се променат.
– Тековниот режим на девизниот курс е адекватен и соодветствува со основните карактеристики на македонската економија. Ние сме мала и отворена економија, со висок степен на трговска и финансиска интеграција со ЕУ, релативно висок степен на евроизација и брз пренос на промените на курсот врз домашните цени. Оттаму, стратегијата на стабилен девизен курс е оценета како оптимална, која може успешно да ја испорача ценовната стабилност, и е предуслов за економски раст и повисоко ниво на доход во економијата. Народната банка редовно го оценува урамнотеженото ниво на девизниот курс, досега не сме оцениле отстапување на девизниот курс од неговото рамнотежно ниво. Со други зборови, курсот на денарот постојано е во согласност со нивото што го налагаат економските фундаменти и со тоа не претставува пречка за економски раст. Оваа констатација за урамнотеженост на девизниот курс редовно е содржана и во годишните извештаи на ММФ, вклучувајќи и во последниот објавен на почетокот на годинава – објаснуваат банкарите.

Флуктуирачкиот курс е алатка за зголемување на конкурентноста на извозниците

Во дискусиите и анализите за замена на фиксниот со флексибилен курсен режим е и аргументот дека втората опција за курсот може да се користи како алатка за зголемување на конкурентноста и поддршката на извозниците, како механизам за корекција на надворешната нерамнотежа, односно нерамнотежата во трговската сметка на билансот на плаќање. И НБРСМ се согласува со тоа, меѓутоа акцентира дека нашата економија не би можела да ја исползува предноста, која би ја овозможил флуктуирачкиот курс.

– Нашиот извозен сектор се карактеризира со висока увозна зависност, што, хипотетички, би значело дека секое намалување на вредноста на денарот би довело и до поскапување на сите увозни суровини. Бидејќи голем дел од суровините не можат да се супституираат со други (почнувајќи од енергијата), туку и натаму би морале да се увезуваат, но по повисока цена, краткорочниот поволен ефект врз конкурентноста релативно брзо би бил исцрпен. Затоа малку е веројатно дека нашата економија би можела да ја исползуваа оваа предност, која е најчест аргумент во залагањето за флексибилен курс – појаснуваат од НБРСМ.

Од НБРСМ тврдат дека во услови кога нашите извозно ориентирани сектори се и високозависни од увоз, не би можело да се направи точна процена кои сектори би имале корист од хипотетичката промена на политиката на девизниот курс. Би требало да бидат сектори, кои во производството користат мал процент од суровините од увоз, а голем дел од производството го пласираат на странските пазари, и тоа под претпоставка дека немаат обврски во странска валута.

Дали се создадени околностите за избор на нов режим на девизниот курс

Во денешното променливо и динамично опкружување, еднаш избран режим на девизен курс не подразбира негово постојано одржување. Изборот на соодветен режим на девизен курс за една земја зависи од специфичните околности и карактеристики на земјата, како и од условите во даден временски период. Дали Македонија треба и понатаму да одржува режим на фиксен девизен курс или е кандидат за промена на режимот? Досегашните ефекти од фиксирањето на девизниот курс на денарот укажуваат на ефективност на постојниот режим и монетарната стратегија на целење на девизниот курс. Меѓутоа, економистите ја потврдуваат потребата за промена на монетарната стратегија, откако таа ќе ги постигне целите за кои е воведена. Во случајот на Македонија, тоа е постигнување и одржување на ценовна стабилност во подолг временски период. Воведувањето на ваква промена ќе доведе и до еволуција на де факто фиксниот режим на девизен курс. Утврдувањето на потребата за еволуирање кон нов режим ја акцентира значајноста на избор на соодветна излезна стратегија и успешно спроведување на ваквата промена.

– Народната банка во континуитет се залага за продолжување на монетарната стратегија за одржување на де факто фиксен девизен курс. Некои од нив сметаат дека нема потреба од промена на стратегијата, а дел, иако сметаат дека има потреба од промена, немаат храброст да го направат тоа. Во услови кога најголемите земји преку своите валути водат меѓусебна исцрпувачка валутна војна, со водење политика на потценета вредност на својата валута, за да го зголемат извозот, на тој начин, ние упорно опстојуваме на постојната монетарна стратегија. Науката вели дека монетарната стратегија што ја применуваме откако ќе се постигне ценовна стабилност треба да се замени со некоја друга, зашто долгото нејзино одржување, резултира со задушување на стопанството. Затоа, според мене, тешко ќе се остваруваат стапки на извоз, а со тоа и на економски раст од 7 или 8 проценти со постојната стратегија – посочи професорот и поранешен гувернер Љубе Трпески.