Како резултат на глобалните трендови во дигитализацијата, на иницијатива на Фондот за иноваци и технолошки развој (ФИТР), вчера започна со работа работната група чија цел е креирање на првата Национална стратегија за вештачка интелигенција во државата.

Во работната група се вклучени домашни експерти но и успешни Македонци кои се глобално признаени професионалци од оваа област и работат во светски познати компании и универзитети.

На стратегијата ќе работат: Татјана Митевска (Аспиегел СЕ), Бисерка Шемовска (Менаџер за развој на бизнис и раководител на Академијата за вештачка интелигенција, Семос Едукација), Илија Лалковски, (Веб Фактори) Јасмина Мајстороска (Министерство за економија) Никица Кусиникова и Виктор Мирчевски (Здружение Конект), Ѓорѓи Маџаров (МАСИТ), Бардил Јашари (Фондација Метаморфозис), Ангел Џеков и Петар Фидановски (МИОА), Светлана Кордумова (Пиксајл), Христијан Ѓорески (ФЕИТ), Петре Ламески (ФИНКИ), Андреј Дамески и Филип Петровски (Дата мастерс).

– Вештачката интелигенција ќе биде во фокусот на работењето на Фондот во следниот период. Неодамна заврши и првиот јавен повик на ФИТР за дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција а за следната година веќе е во план и креирање на посебен инструмент за поддршка на стартап компаниите кои работат со вештачка интелигенција во земјава. Во целиот процес на креирање на нови иницијативи на оваа тема, ќе биде вклучен и словенечкиот Институт „Јожеф Стефан“ со кого ФИТР наскоро ќе потпише Меморандум за соработка – посочи Коста Петров, директор на ФИТР.

Со креирањето на стратегијата ќе им се даде шанса на многу домашни, иновативни стартап компании да ги реализираат своите идеи и проекти, соодветно образование како и современа опрема.