Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската програма за претприемаштво на швајцарската амбасада во Македонија денеска потпишаа меморандум за соработка, чија цел е поддршка за развој на иновативноста и претприемаштвото во земјата.

Засилување на соработката помеѓу институциите и претприемачите, како и индивидуална поддршка за надградба на институционалните капацитети, се главните аспекти на овој договор, кои ќе се имлементираат преку низа активности, како менторска поддршка од експерти, обука за подготовка на бизнис-модели и комуникациски стратегии, обезбедување поддршка за бизнис-ангели и инвеститори, како и воспоставување систем за следење на напредокот на компаниите што работат на иновативни проекти.

Јован Деспотовски, директорот на ФИТР, ја истакна соработката со швајцарската амбасада како клучна за подобрување на претприемачкиот екосистем во државата.
– Поинтензивно работиме на отворање можности за домашните стартап компании да научат од искуствата на млади, но веќе искусни претприемачи од западните земји. И со овој проект, условите и начинот за развивање сопствен бизнис што се нудат во развиените земји сега се достапни и за младите луѓе во нашата земја. Огромна благодарност и до амбасадата на Швајцарија за континуираната поддршка во изминатиот период – посочи Деспотовски.

Заменик шефот на амбасадата на Швајцарија во Македонија, Штефан Томагијан најави продолжување на соработката и конкретна поддршка.