Седум проекти добиваат поддршка во рамките на јавниот повик за справување со климатски промени 02-2, кој Фондот за иновации и технолошки развој го реализира во соработка со Програмата за развој на ОН, УНДП, Министерството за надворешни работи на државата Израел, Министерство за животна средина и просторно планирање, како и две партнер-организации Кајама Центарот за одржлив дизајн од Израел и организацијата Македонија 2025.

Избраните компании нудат различни иновативни решенија за справување со глобалниот проблем со климатските промени и имаат за цел намалување на негативните последици по јавното здравје. Прворангираниот проект Банк оф треес е иновативен начин за штедење и инвестирање средства преку креирање на првата банка базирана на дрвја. Целта на проектот е придонес кон зголемена природна апсорбција на јаглерод диоксид од атмосферата, додека во исто време се генерира добивка за нејзините корисници.

Останатите проекти предвидуваат и напредно истражување и развој на нов вид храна во сточарството што, како процес, се смета за еден од најголемите загадувачи, потоа изградба на првата концентрациона соларна електрана во Македонија, развој на нов производ – биоќумур и негова употреба во земјоделие, систем за култивација на мов и производство на внатрешни и надворешни панели за природно прочистување на воздухот, преработката на опасен отпад, отпадни лушпи од јајца во додатоци во исхрана за хумана употреба, како и соларен грејач и прочистувач на воздух.

За финансирање проекти под овој повик беше износ од 5.000.000 (пет милиони) денари. Вкупниот обем на инвестици во оваа фаза е 3.700.000 денари, како и 750.000 денари учество на самите апликанти. По заклучок на Комисијата, составена од сите партнери на повикот, уште за три компани, кои добија препорака од Комисијата, е отворена можност за кофинансирање доколу се обезбедат дополнителни средства.

Дополнително, во рамки на прогрмата „Стартап нејшн енд менторшип“ пет компании ќе одат на студиско патување во Израел кое ќе вклучи можност за средба и размена на искуства со водечки компании, акцелератори и хабови во областа на високата технологија и одржливост. Наградата ја обезбедува: Кајама центарот за одржлив дизајн од Израел и Министерството за надворешни работи на Израел.

Три од избраните компани пак ќе добијат екстензивно парнерство, менторирање, консултации или друг тип на услуга за време на имплементацијата на проектот од Македонија 2025.

Проектите се оценуваа според пет критериуми: влијание на животната средина и справување со климатски промени, степен на иновативност, квалитет на предлог-проект, капацитет на проектниот тим, односно конзорциумот и потенцијал на пазарот.

Заради пандемијата со ковид-19 и интересот да се обезбеди менторска поддршка за подготовка на апликациите, јавниот повик беше реобјавен на 2 јуни, со траење до 20 јули 2020 година. Пристигнаа вкупно 39 апликации, од кои 28 продолжија во фазата на финална селекција. Ова е втор повик на ФИТР наменет за проекти наменети за заштита на животната средина.